Ангеловска-Бежоска: Финансиската писменост како еден од предусловите за финансиска самостојност на младите и за стабилност на финансискиот систем

By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Една од лекциите научени од Глобалната финансиска криза во 2008 година е дека соодветната финансиска писменост на населението претставува предуслов и за стабилноста на целиот финансиски систем, бидејќи го намалува ризикот од прекумерно задолжување и неможноста за отплата на обврските кон финансиските институции. Со оглед на тоа дека финансиската стабилност е една од целите на централните банки, во изминатава декада тие станаа значајни двигатели на процесот на финансиска едукација во светски рамки, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање на настанот „Како до финансиска независност кај младите?“, организиран од страна на „Клуб Алпбах Македонија“. Гувернерката истакна дека подобрувањето на финансиската писменост и инклузијата, од 2021 година, е еден од стратегиски приоритети на Народната банка, како и дека се преземаат голем број активности и мерки за оваа цел. Во рамките на истиот настан, учествуваше и главната економистка на Народната банка, Анета Крстевска, говорејќи на панел-дискусијата за политиките за унапредување на финансиската независност и самостојност кај младите.

 Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи на одредени понови истражувања, како она спроведено од страна на ОЕЦД-ИНФЕ во 2019 година коешто покажува дека финансиската писменост кај нас е на слично ниво со земјите од регионот на ЈИЕ. Кога станува збор за финансиската инклузија, според глобалната база на податоци на Светската банка „Финдекс“, во последниве години финансиската вклученост во земјава според повеќе показатели напредува, но сепак и натаму заостанува зад еврозоната. Притоа, јазот во поглед на возраста е особено видлив. Па така, кај младите лица од возрасната група од 15 до 24 години, иако во последните десетина години (помеѓу 2011 и 2021 година) поседувањето сметка е пораснато на 74%, сепак е далеку под просекот во еврозоната од 95%. Податоците исто така покажуваат дека 46% од младите кај нас имаат дебитна картичка, наспроти 86% во еврозоната, додека, пак, процентот на млади кои штедат во финансиска институција е 15%, наспроти 60% во еврозоната. Во однос на дигиталното плаќање, пак, процентот на младите во еврозоната кои го направиле е 92%, а кај нас изнесува 60%. Од тие причини, Народната банка посветува големо внимание и вложува напори за подобрување на финансиската писменост и инклузија, особено кај младите, имајќи предвид дека само личност со добро финансиско образование може да ги подобри изгледите за постигнување на сопствените финансиски цели, но и да придонесе за економијата во целина. За таа цел се редовните предавања наменети за младата популација кај нас, вклучително и за децата од предучилишна возраст, коишто во последните две години се дури тројно пообемни.

 Во обраќањето на гувернерката беше истакнато значењето на координираниот пристап на финансиските институции и воопшто, на сите општествени чинители, во активностите за подигнување на финансиската писменост и инклузија во земјава, како предуслов за финансиска стабилност и економски раст. Активностите започнаа пред десет години со формирањето на Координациското тело за финансиска писменост и финансиска инклузија, со кое раководи Народната банка, а во него членуваат сите финансиски регулатори. Притоа, активностите особено се засилија во изминативе неколку години преку  носењето на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија на иницијатива на Народната банка, усвојувањето на Кодексот на добри практики за финансиска едукација и на Основните компетенции на финансиската едукација, како основа при изготвувањето едукативни програми. Гувернерката посочи дека Народната банка секоја година организира предавања за стотици ученици и наставници, а подготвува и едукативни материјали и публикации. За да се зајакне институционалната заштита на граѓаните при користењето на финансиските услуги, на крајот на 2021 година е формирана и посебна дирекција при Народната банка којашто се грижи за заштита на корисниците на банкарски услуги.

Share This Article
Exit mobile version