Пропадна идејата за балканската „мини-шенген зона“

By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Софија ја закочи реализацијата на идејата за балканската „мини-шенген зона“ која ќе ги отвореше копнените граници меѓу Романија, Бугарија и Грција.

-Отстранувањето на контролите на копнените граници меѓу Бугарија, Грција и Романија би било спротивно на законодавството на ЕУ и немаме намера да започнуваме официјални дискусии за ваквата нелегална идеја – изјави бугарскиот премиер Николај Денков во врска со предлогот на четворица европратеници од трите земји за создавање „мини-шенген зона“ од ова лето со цел да се намалат гужвите во сообраќајот меѓу овие балкански членки на Унијата во текот на туристичката сезона.

– Слушам дека има такви предлози, но за нив не разговараат политичките раководства на трите земји – изјави Денков, додавајќи дека Бугарија работи на целосно нејзино вклучување во Шенген зоната врз основа на официјалната процедура.

Според договорот постигнат кон крајот на минатата година со Австрија, која го блокира полноправното членство на Бугарија и Романија во Шенген, од 31 март 2024 бугарските и романските граѓани ќе можат да влегуваат во земјите членки на Шенген зоната без гранични контроли доколку патуваат по воздушен или воден пат, додека контролите остануваат на копнените гранични премини.
Ваквиот договор значи дека државјаните на Бугарија и Романија не би можеле слободно да патуваат во Грција по копнен пат преку премините на грчко-бугарската граница.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, идејата за создавање „мини-шенген зона“ меѓу трите земји ја иницираа европратениците Даниел Лаурер од Бугарија, Георгиос Кирцос од Грција и Дачијан Чиолш и Влад Георге од Романија, членови на либералната група „Да ја обновиме Европа“, во писмо упатено до грчкиот министер за имиграција и азил Димитрис Кајридис.

Повикувајќи се на поддршката на Европската комисија за прием на Бугарија и Романија во Шенген зоната, европратениците наведоа дека претставниците на грчкиот туризам и на хотелскиот и угостителскиот сектор инсистираат на укинување на контролите на копнените граници, за да се олесни патувањето на романските и бугарските туристи во Грција.

„Во моментов, контролата на копнените граници меѓу трите земји сѐ уште им создава огромни загуби на превозниците и туристите во однос на патните трошоци и потрошените пари и време“ – се наведува во писмото, при што се додава и дека укинувањето на граничните контроли веднаш ќе ја подобри еколошката состојба во пограничните области.

Идејата на предлагачите беше укинувањето на граничните контроли да важи само на премините на копнената граница меѓу Бугарија и Грција, за што, според нив, не би имало потреба да се бара одобрение од останатите земји членки на Шенген зоната, туку само да се информираат за ваквата одлука.

Share This Article
Exit mobile version