Турција е ослободена од американските санкции против руската Газпромбанк, па ќе може да продолжи да плаќа за увоз на руски гас преку оваа финансиска институција, изјави денеска турскиот министер за енергетика Арпаслан Бајрактар.
Според него, Анкара добила изземање од санкции по серијата разговори со американски официјални претставници, пренесува Блумберг.
Бајрактар претходно предупреди дека Турција има потреба од изземање од мерките против Газпромбанк, бидејќи во спротивно може да биде цел на американски санкции.
Официјалните податоци покажуваат дека повеќе од една третина од увозот на природен гас во Турција доаѓа од Русија.
Во ноември, САД воведоа санкции против Гаспромбанк, клучната финансиска институција преку која земјите плаќаат за увоз на гас од Русија, а овие мерки предизвикаа загриженост кај многу земји, вклучително и некои членки на Европската унија.
Унгарија пред два дена објави дека добила и ослободување од санкциите против Гаспромбанк.