Актерот и поет, филмски творец, критичар, есеист, радио водител и преведувач Марко Петрушевски, починал пред неколку дена во Скопје, на 47 години. Веста за неговата прераната смрт ја пренесе порталот „Окно“
Марко Петрушевски беше истакнат детски актер, познат по улогите во сериите на ТВ Скопје „Бушава абука“, „Втората смена“ и „До-ре-ми“… Тој дипломирал на Драмскиот факултет во Скопје, а го завршил и Филолошкиот факултет, на отсекот за Општа и компаративна книжевност, каде подоцна и магистрирал.
Петрушевски во 2001 година објавил збирка поезија „Еден млад збунет човек“ и ја добил наградата за дебитантска поетска книга на Струшките вечери на поезијата.
Пишувал кратки раскази и записи, а три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ. Преведувал раскази од Чарлс Буковски, снимал видеа, кратки филмови и скечеви, пишувал филмска критика, а работел и како водител во радиото „Канал 103“.