Како да преживеат компаниите?

By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Приспособување на концептот за јавни набавки кон актуелната состојба и намалување на царинските стапки на суровините и репроматеријалите за агропрехранбениот сектор, се двете дополнителни економски мерки што ги предлага Стопанската комора на Северна Македонија.

Како што вели извршниот директор на Комората, Антони Пешев, земјава подолго време се наоѓа во зоната на слободна трговија со државите во регионот и ја ужива придобивката на отворената економија, но мора да се соочи и со конкуренција која во другите земји е немилосрдна, а изворите за репроматеријали кај нив немаат идентично оптоварување.

Државата, смета Пешев, во услови на криза треба да се фокусира и да најде начин како да им помогне на компаниите.

– Потребни се практични, прагматични мерки кои на нашата економија ќе ѝ дадат можност да го преживее периодот што следува. Две од тие мерки се однесуваат, првенствено, на активната употреба на механизмот за јавни набавки, во која државата, како најголем учесник во делот за создавање на побарувачката, може директно да влијае врз можностите и врз позиционирањето на нашите компании, како и на механизмот на царинските тарифи со кои ќе им овозможи на фирмите да добијат конкурентен извор за производство – истакнува Пешев во видео изјава.

Во однос на јавните набавки, Комората предлага секторски пристап за утврдување на формулите за корекција/приспособување на цените, со вклученост на претставници од реалниот сектор.

– Предлагаме приспособување на концептот за јавни набавки на актуелната состојба, во која цените на суровините и на репроматеријалите растат, а економските оператори (од градежниот и прехранбениот сектор, од металната и електроиндустријата, од трговијата) не се во состојба да постапуваат според договорите, според претходно договорените цени. Во новите постапки за доделување договори за јавни набавки на работи, во согласност со член 119, став (1) од Законот за јавните набавки, во тендерската документација да се предвиди можност за корекција на цените, за да се овозможи договорите за јавни набавки да се изменуваат во случај на раст на цените, без спроведување нова постапка за јавна набавка – наведува Пешев.

Комората бара и Владата да отвори можност, преку воспоставување правен основ (за веќе склучените договори за јавни набавки), договорните органи заедно со договорните страни да пристапат кон анализа на договорените единечни цени, за да утврдат каде влијаела промената на цените по почетокот на пандемијата за зголемување на вредноста на договорите, по што, врз основа на анализата, ќе може да пристапат кон измена на договорите.

– Со цел транспарентно и предвидливо одвивање на процесите, предлагаме, со вклученост на деловната заедница, да се подготви преглед на тековните договори за јавни набавки, да се дефинира метод што ќе се користи за утврдување на разликата во цените и за измена на договорите (лизгава скала, индексна клаузула, процент на зголемување над договорениот или друго), да се утврди образец според кој ќе се изготвува анализата и да се определи тело кое ќе го координира целиот процес – посочува Пешев.

Во врска со царинските стапки, тој потсетува дека со Законот за изменување на Законот за царинска тарифа од 22.2.2022 година, се намалија царинските стапки за околу 260 тарифни ознаки, суровини и репроматеријали кои, првенствено, се употребуваат во електрометалната индустрија.

- Advertisement -

– Во овој Закон не се содржани барањата за изедначување на царинските стапки до ниво на ЕУ за 30-ина суровини за агропрехранбениот сектор (освен барањето за тарифната ознака 2002909100, која се однесува на домати приготвени или конзервирани на друг начин – доматно пире од 50 на 25 отсто), како тарифни ознаки што се однесуваат на јајца во прав, сушено овошје и зеленчук, на тропско овошје, кафе и на други производи кои не се произведуваат во државата, а кои се суровина во агропрехранбениот сектор и тоа ќе биде приоритет за Комората за усогласување во наредниот период – потенцира извршниот директор.

Стопанската комора останува на определбата за целосно усогласување на царинската тарифа до ниво на царинските стапки во ЕУ, со одредена динамика, која би се утврдила во соработка со надлежните институции.

– Приоритет во услови на енормен пораст на цените на храната во светот оваа година треба да имаат суровините и репроматеријалите што се однесуваат на агропрехранбениот сектор, а за кои претходно беа доставени барања до надлежните институции. Со нивно намалување ќе се влијае врз конкурентноста на домашните компании, но и врз цените на крајните производи – заклучува Пешев.

- Advertisement -
Share This Article
Exit mobile version