Ова е прашање за надлежните органи да го решат, одговорија од американската амбасада на синоќешниот повик на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал до сите меѓународни институции и амбасади да пружат помош преку проверка на фактите кој во државата е криминалец, а кој се бори против криминалот.
„Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив. Се чини дека ова прашање е тековен процес и прашање кое треба да го решат надлежните органи“, се наведува во одговорот на амбасадата на САД до Плусинфо.
Вилма Русковска побара меѓународна помош, откако директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми најави дека против неа и уште против две обвинителки ќе поднесе кривични пријава, откако тие на 18 јули извршија претрес во институцијата. Русковска во синоќешниот повик до амбасадите на САД и на ЕУ рече дека имал притисок од владин функционер.
„Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта“, нагласи Русковска во реакцијата.