Алијанса за Албанците подготвува ултиматум прифатлив за сите партии

By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Евентуалното прешалтување на Алијанса за Албанците од опозиција во власт не може да се случи без да постои гаранција дека партијата значително ќе се офајди од таквиот потег.

Дека некои интересни услови и барања веќе некое време се крчкаат во партискиот котел, синоќа потврди и в.д. претседателот на партијата Арбен Таравари, кој истакна дека ниту еден од осуммината пратеници од Алијанса за Албанците овојпат нема да го даде својот глас на бланко-хартија, а со цел изгласување на уставните измени кои ќе овозможат влез на Бугарите во Преамбулата.

Тој рече дека партијата ќе постави сериозно барање кое е многу важно за општеството и кое е прифатливо за секоја политичка партија.

Таравари не сакаше да открие за што точно станува збор, туку само посочи дека условот не е бришење на квотата 20% Албанци во Уставот, а не е ниту барање за назначување прв премиер Албанец од редовите на Алијанса за Албанците.

– Сега кога ќе дојдат уставните измени, верувам дека и ние за 10-15 дена ќе го изнесеме нашето барање пред меѓународниот фактор. Тоа ќе биде многу сериозно барање на Алијансата за Албанците. И тука не станува збор за бришењето на квотата 20% Албанци во Уставот, ниту, пак, за назначување прв премиер Албанец. Се работи за нешто многу важно за општеството и за државата, па затоа го подготвуваме материјалот. Секако, консултиравме и меѓународни експерти и подготовката на материјалот е при крај. Сега не можам да ви откријам за какво барање станува збор, но јас лично верувам оти нема да има некоја политичка партија која би го отфрлила барањето. Засега немаме никаква официјална понуда од Владата. А ако има понуда, секако дека ќе ја разгледаме. Во моментов сме фокусирани на партијата, на конгресот и сметаме дека треба да работиме со нашите членови со цел да ја направиме партијата уште посилна – изјави Таравари.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски има неколку идеи за тоа што би можел лидерот на Алијанса за Албанците да бара за возврат.

– Многу е тешко сега да се предвиди што би било барањето на Алијанса за Албанците, бидејќи сите досегашни барања од албанските партии биле токму за оние работи што Таравари уште вчера ги елиминираше – бришење на квотата 20% Албанци во Уставот и барање за назначување прв премиер Албанец. Но, каков би можел да биде условот за да би бил важен за целото општество? Може да биде рамномерна распределба на инвестиции по региони, односно локален економски раст. Може да биде и рамномерна дистрибуција на буџетот. На пример, ако се троши одредена сума пари за образование и за здравство во Делчево, тогаш треба соодветен процент да се троши и во Тетово и во Гостивар. Може да биде и некакво унапредување на правата на заедниците неповрзано за овие квоти. Може да биде унапредување во службата. На пример, да влијае квотата на тоа колку има луѓе на раководни позиции, колку има на повисоки позиции, и сето тоа да стане дел од Балансерот. Секако, зборувам за претпоставки – вели Арсовски.

Ние влегуваме во фаза во која албанските партии ќе бараат нова агенда, односно нов таргет за тоа што ќе испорачаат кон нивните гласачи.

Петар АрсовскиПолитички аналитичар

Албанските партии, додава тој, сега се во период на потрага по нова агенда.

Сите обврски кои доаѓаа од Охридскиот рамковен договор за заштита на правата на малцинствата релативно се исполнети. Балансерот е при крај, има уште само некои делови каде што не е постигнат. Меѓутоа, тој опсег на барања полека се затвора и албанските партии сега се во потрага по нова агенда. ДУИ бараше прв премиер Албанец, некои други партии бараа да се укине квотата 20% Албанци во Уставот, а еве и Таравари сега ќе бара нешто сосема трето. Ние влегуваме во фаза во која албанските партии ќе бараат нова агенда, односно нов таргет за тоа што ќе испорачаат кон нивните гласачи. Но, ако сакаме да се движи општеството напред, тој нов таргет мора да биде поврзан за доброто на граѓаните, а не за некои национални теми. Нормално е сега да разговараме за пропорционално трошење на буџетот, но истовремено тоа треба да биде поврзано и за пропорционално плаќање даноци. Тоа е, пак, дел од равенката кој треба да го исполнат македонските политичари. Ако бараме 25% да се трошат од буџетот за здравство или за образование во албанските општини, тогаш истите тие албански општини треба да полнат најмалку 25% од буџетот преку даноци – објаснува Арсовски.

- Advertisement -

Алтернатива нема ништо против

Од Алтернатива на Африм Гаши немаат проблем со идејата Алијанса за Албанците да влезат во владината коалиција.

Оттаму велат дека АА може да одигра важна улога во зајакнувањето на оваа влада и проевропската агенда на земјата.

– Не веруваме дека Алијансата за Албанците сака да влезе во Владата, тоа е затоа што вклучувањето на Алтернативата во Владата го нарекоа „перверзност“, но ако тоа го надминаа и сакаат да ѝ помогнат на оваа проевропска власт, ние – како и секогаш што сме велеле – можеме да бидеме само сојузници и соработници – велат од Алтернатива.

Share This Article
Exit mobile version