Вчера, на 8 февруари 2022 година, во 13:15 часот напочина Фарук Омерагиќ во својот дом опкружен од најблиските и веднаш до сопругата Катица Омерагиќ.
Милоста и страста на Фарук и Катица засекогаш ќе сведочат за моќта на љубовта која за нив поместуваше граници и сплотуваше различности. Навистина, ако љубовта лечеше и чуваше, Фарук ќе беше со нас засекогаш. Фарук ќе остане во сеќавањата на семејството како сакан, посветен и грижлив сопруг и татко и како човек кој се стремеше кон подобар свет за сите. Фарук ја обожуваше уметноста и убавината.
Беше еден од основачите на манифестацијата „Скопско Лето” и долгогодишен работник и поддржувач на Дирекцијата за Култура и Уметност на Скопје како и дел од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на Република Македонија. Непомирлив идеалист и во улогата на поет, ја издаде својата прва двојазична колекција на песни „Воздишка” во 2019, и ја посвети на, со негови зборови: „нераскинливо сврзаните два света, светот на родителот и светот на детето“ и на „микрокосмосот на семејството“.
Ќерка му, Дијана, останува засекогаш благодарна на својот татко за сета мотивација, инспирација, знаење, и љубов. Професионалната кариера на Фарук особено ја обележа неговиот неприкосновен пркос кон неправдата и злоупотребата на општествените добра, идеи, луѓе и македонската природа. Беше активист и неапологетичен борец против религиозна, расна, етничка и полова дискриминација.
Се бореше и за македонскиот спорт. Беше познавач на коњичките спортови, сопственик и љубител на коњите, и поранешен член на Управниот одбор на Федерацијата на Коњички Спортови на Република Македонија.
Во последните години од својот живот беше и претседател на Градскиот пливачки сојуз на Скопје. Дали покрај Скопските базени или на Скопскиот Хиподром, неговото присуство не поминуваше незабележано.
Всушност така и го опишува неговата сопруга Катица која вели дека за првпат го забележала на театарската сцена како актер и веднаш и засекогаш го освоил нејзиното срце. Фарук беше вистински човек помеѓу луѓето и неговото семејство, Катица и Дијана, вечно ќе се гордеат со него.
Погребот на Фарук ќе се одржи во недела на 13 февруари 2022 на Градските гробишта во Бутел, во Капела (сала 1) во 11.30 часот.
Поттикната од неговото семејство, многубројни пријатели и колеги, ќе се одржи и комеморација за Фарук во Кино сала Фросина во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, во вторник на 15 февруари во 13 часот. Сите кои сакаат да изразат сочувство и покажат почит се добредојдени. Фарук, те сакаме!
Од семејството, Катица и Дијана.