Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Софија разговарала со двајца високи офицери од Армијата на Република Северна Македонија кои во моментот се дел од Школата за национална одбрана и Командно-штабната академија на софиската Воена академија „Генерал Ѓорѓи С. Раковски“.
– Ние остануваме силно посветени на развојот на човечкиот потенцијал во одбраната и во Армијата зашто вие сте нашиот најголем ресурс. Ќе продолжиме да инвестираме во индивидуалниот капацитет на сите армиски припадници и дома и во сојузничките земји зашто тоа е најдобриот начин за воспоставување на блиски меѓусебни контакти на индивидуално ниво како офицери на сојузнички Армии – рекла министерката Петровска, соопштија од МО.
Полковникот Сибиновиќ и потполковникот Стоименовски се заблагодариле за средбата и можноста да поразговараат со министерката за една од темите која е најважна во одбранбениот сектор – континуираното воено образование и усовршување.