Од моментот кога беше објавен првичниот француски предлог за надминување на бугарската блокада на Северна Македонија во ЕУ, ткн. Протокол односно записникот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија стана една од клучните точки во анализите за (не)прифатливоста на предлогот. Во последната верзија на францускиот предлог, Протоколот повеќе не се споменува директно во Преговарачката рамка. На негово место сега се зборува за „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според членот 12“. Членот 12 алудира на Договорот за добрососедство кој Северна Македонија и Бугарија го потпишаа во 2017 година, објави Дојче веле.
Овој член има два става. Првиот го регулира формирањето на заедничка меѓувладина комисија. Вториот предвидува таа комисија да одржува редовни годишни средби со цел „ефективна примена на Договорот“, примена на мерки за подобрување на билатералната соработка, како и решавање на спорни прашања.
Но, Протоколот и натаму си наоѓа место во документите на ЕУ поврзани со интеграцијата на Северна Македонија. Најпрво, тој се споменува во Изјавата за одржувањето на првата Меѓувладина конференција, во делот посветен на регионалната соработка и добрососедските односи каде, во точката 14, се поздравува „договорот за Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија(…) Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, кои остануваат главни елементи на процесот на проширување како и на процесот за Стабилизација и асоцијација“. Протоколот се споменува и во предлог-заклучоците до Советот на ЕУ со истата формулација како и во Изјавата цитирана погоре.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на вчерашниот брифинг со медиумите потврди дека Протоколот, или Записникот од состанокот кој тој го имаше со бугарската колешка Теодора Генчовска во Скопје на 4 јуни, се уште не е потпишан од македонска страна. Засега нема информации кога тоа ќе се случи, но извесно е дека ќе биде набрзо со оглед на фактот што неговата верификација од двете земји веќе се наведува како завршена работа во документите на ЕУ. Поточно, неговото потпишување е наведено како услов за одржување на првата (политичка) меѓувладина конференција меѓу Скопје и Брисел.
Османи притоа рече дека засега нема да ја обелоденува содржината на Протоколот пред македонската јавност, објаснувајќи дека сака најпрво самиот да ја објасни неговата содржина.
Во недостаток на официјален документ од македонска страна, ДВ го презема и преведе Протоколот кој бугарската министерка за надворешни работи Генчовска го испрати до Комисијата за надворешна политика во Софија, во пресрет на нејзиниот настап пред истата на 23 јуни годинава.
Никој во моментов не може да потврди дали ова е конечната верзија на документот или можеби се барале или вметнале измени, особено од македонската страна, со оглед на интензивната дипломатска комуникација меѓу двете земји и посетата на министерот Османи на Софија на почетокот на неделава.
Во продолжение е интегралниот текст на записникот од состанокот на двете министерства:
Записник (Протокол)
од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија:
Имајќи го предвид развојот на пријателски односи меѓу државите засновани на почитување на принципите на еднаквост и правото на народите на самоопределување,
Убедени во потребата од зајакнување на безбедноста, стабилноста и соработката во Југоисточна Европа во духот на заедничките евроатлантски вредности,
Истакнувајќи ја потребата за решавање на отворените билатерални прашања, враќање на довербата и строго спроведување без понатамошно одложување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година,
Двете страни го разгледаа спроведувањето на овој Договор, усвоија мерки за подобрување на билатералната соработка и решавање на прашањата кои произлегуваат од спроведувањето на Договорот.
Дневен ред:
Преглед на постигнатите резултати во имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за периодот од 10 јуни 2019 година до… 2022 година во областа на секторските соработки;
Усвојување на Годишниот извештај за работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија;
Усвојување насоки за активности за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за следниот период;
Потпишување на записникот од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија.
(Првата точка од дневниот ред е оставена празна.)
Втора точка од дневниот ред:
Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија го усвојуваат извештајот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања (во натамошниот текст: „Комисијата“) за периодот 2019-2022 година со следните забелешки:
Во текот на извештајниот период, Комисијата одржа (број) состаноци. И покрај малиот напредок постигнат за цар Самуил и прашањето за богомилската ерес, Комисијата не прифатила други препораки, што се смета за незадоволително.
Двете страни ја охрабруваат Комисијата да ги интензивира своите активности и да постигне јасни резултати, во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот.
Двете влади ја потврдуваат својата поддршка за Комисијата со тоа што се обврзуваат да создадат поволна атмосфера за нејзината работа, охрабрувајќи ја да работи на зголемување на ефикасноста и постигнување конкретни резултати, врз основа на ригорозна научна дебата и да презентира факти и настани од заедничката историја која ги поврзува двете земји и нивните народи во образовните системи.
Во својата работа, Комисијата строго да се придржува до одредбите од чл. 8, точка 2 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, имено „да се придонесе за целта, заснована на автентични и засновани на докази историски извори, научно толкување на историските настани“. Во согласност со важечките одредби од Договорот од 2017 година, работата на Комисијата не може да се прекине еднострано.
Двете земји во рок до две години да вклучат во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост, сите веќе меѓусебно договорени резултати од работата на Комисијата, согласно чл. 8 став 2 од Договорот.
Двете страни ќе се усогласат со препораките на Комисијата во период не подолг од две години по нивното одобрување од Мешовитата комисија според чл. 12, методолошките упатства, учебниците и другите релевантни едукативни материјали, согласно чл. 8 став 2 од Договорот.
Оригиналите на соодветните историски извори и литературни текстови треба да бидат достапни, користени и презентирани од соодветните образовни институции во нивното проучување.
Двете влади ќе ги усогласат препораките на Комисијата, во период не подолг од две години по нивното одобрување од Мешовитата комисија според чл. 12, содржината на натписите на споменици, знаци, информативни материјали во музеи, други предмети од образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронските информативни јавни медиуми, во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот.
Сите идни резултати од работата на Комисијата ќе бидат објавени заеднички од двете страни во рок од шест месеци од усвојувањето на договорените текстови од страна на Мешовитата меѓувладина комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, но доколку не се направи во рамките на тоа период, секоја земја ќе има право самостојно да ги објавува.
Трета точка од дневниот ред:
Во согласност со заедничкиот интерес за зајакнување на добрососедските и партнерските односи, двете страни се обврзуваат да работат на исполнување на следните обврски кои произлегуваат од Договорот од 2017 година:
(Владата на Република Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија, под услов првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во нејзиниот Устав ќе ги вклучи сите граѓани кои живеат на територијата на земјата кои се дел од бугарскиот народ и ќе го усогласи своето важечко законодавство со измените направени во Уставот. Владата на Република Бугарија ја презема оваа обврска со разбирање дека двете страни ќе го применуваат Договорот и овој Протокол со добра волја.)
I. Активности што треба да се преземат пред првата меѓувладина конференција ЕУ-Република Северна Македонија
(Владата на Република Северна Македонија се обврзува да ги заврши соодветните процедури пред првата меѓувладина конференција и да ги вклучи во својот Устав оние нејзини граѓани кои живеат во земјата и се дел од бугарскиот народ и да го усогласи своето важечко законодавство, така што ги одразува измените на Уставот.)
Владата на Република Северна Македонија, согласно чл. 11 ст. 5 од Договорот, ја потврдува заложбата дека ништо во нејзиниот Устав не може или не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да се заштити статусот и правата на лицата кои не се државјани на Република Северна Македонија.
Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија во согласност со член 12 од Програмата помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија за соработка во областа на образованието и науката.
Говор на омраза
Страните ја потврдуваат својата посветеност да преземат мерки против појави на говор на омраза и ги назначуваат министерствата за надворешни работи како контакт точки за заедничка идентификација на такви случаи во натписите на јавни згради и споменици, текстови во учебници и наставни програми и во медиумите (вклучително и онлајн и социјалните медиуми).
Страните ќе воспостават, без одлагање, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање брзи и ефективни активности во идентификувањето на таквите случаи.
Двете страни ќе преземат ефективни мерки за спречување на ненамерна пропаганда од институции и агенции и ќе ги обесхрабрат активностите на приватните субјекти насочени кон поттикнување насилство, омраза или други слични дејствија кои би можеле да им наштетат на нивните односи.
Рехабилитација на жртвите на комунистичката репресија
Владата на Република Северна Македонија, во согласност со Декларацијата на Собранието на Република Северна Македонија од 2006 година со која се извинува на жртвите на репресијата на режимот во 1945-1990 година и во духот на Резолуцијата на Европскиот парламент за европската совест од 2009 г. и тоталитаризмот, да ги осуди и да се извини за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите.
Владата на Република Северна Македонија декларира дека ќе ја создаде потребната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучувајќи полиција, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот од 1945 до 1991 година. Оваа сеопфатна законска рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално чување и зачувување на релевантните документи.
Бугарија изјавува дека веќе обезбедила и ќе продолжи да обезбедува пристап до архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, со што се создаваат јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално чување и чување на релевантни документи.
Темата за историјата
По потпишувањето на овој Протокол, страните ќе ги објават на веб-страниците на двете влади сите резултати и препораки од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Резултатите и препораките се приложени кон овој Протокол.
Согласно чл. 8 став 3 од Договорот, двете страни се договорија за заеднички годишен календар за 2022 и 2023 година за заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, кои веќе се договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Доколку постои политичка волја, двете земји ќе слават и други заеднички историски настани и личности. Годишниот календар е приложен кон овој Протокол.
(Владите на двете земји, на заедничка церемонија, ќе ги откријат обновените натписи на Самуиловата тврдина во Охрид, што ќе ги одразува препораките на Комисијата.)
(Владата на Република Северна Македонија ќе подготви и презентира примерок на лекција за 7.одделение од наставната програма на Република Северна Македонија за цар Самуил, во согласност со препораките на Комисијата и во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот.
Овој примерок од лекцијата во прилог на овој протокол ќе биде вклучен во училишната програма во Република Северна Македонија во иднина.)
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе развие и спроведе работен план кој предвидува меѓу 8 и 10 состаноци годишно.
II. Мерки по првата меѓувладина конференција
Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по географија за VII одделение.
Двете страни се согласија дека, при идентификување други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебниците и наставните помагала, тие да се повлечат од нивните образовни програми и да се промени нивната содржина.
Владата на Република Северна Македонија се обврзува, во периодот на преговори за членство во ЕУ, доследно да ја информира Република Бугарија за сите промени во содржината на сите учебници, наставни средства и насоки во образовната програма на Република Северна Македонија и да обезбеди копии од новите изданија.
Говор на омраза
Двете земји треба да продолжат да разменуваат преку дипломатски канали меѓу министерствата за надворешни работи информации за говорот на омраза идентификуван во натписи и плочи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и наставни материјали, како и во медиумите (вклучувајќи ги онлајн и социјалните медиуми ) на територијата на другата страна и во разумен рок да информира за дејствијата што ги презема соодветната страна за без одлагање да се елиминираат идентификуваните случаи на говор на омраза на јавниот простор.
Двете страни да обезбедат државното финансирање за нови книги, документарни и списанија, филмови и други уметнички дела, културни споменици и прослави да се спроведува во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, при што во овој контекст кој било субјект финансиран од државата, со експлицитна и обврзувачка изјава ќе потврди дека ќе посвети соодветно внимание на прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа обврска ќе биде основа за суспензија и враќање на доделеното државно финансирање.
Двете страни ќе преземат ефективни мерки за спречување на ненамерна пропаганда од институции и агенции и ќе ги обесхрабрат активностите на приватните субјекти насочени кон поттикнување насилство, омраза или други слични дејствија кои би можеле да им наштетат на нивните односи.
Рехабилитација на жртвите на комунистичката репресија
Владата на Република Северна Македонија, во рок од една година, да ја воспостави потребната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучително и полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавањето во периодот од 1945 до 1991 г. Оваа сеопфатна правна рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално складирање и зачувување на релевантните документи.
Владата на Република Бугарија да го сподели своето искуство во оваа област, вклучително и создавање на специјализирана централизирана архива, врз основа на законодавството усвоено од земјата во 2006 година. Бугарија ќе продолжи да обезбедува пристап до архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, со што ќе продолжи да создава јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, истражување, право на користење, објавување и институционално зачувување и заштита на соодветните документи.
Темата за историјата
Двете страни ќе се придржуваат до оние текстови одобрени од Заедничката меѓувладина комисија според чл. 12 како основа за организирање, заеднички или поединечно, прослави, како и придржување до нив во јавните говори и изјави за заеднички историски настани и личности за кои се организираат предметните прослави.
Двете страни да подготват и презентираат примероци од лекции врз основа на препораките на Комисијата, за кои Комисијата постигна согласност приложени кон Протоколот на следниот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и да ги вклучи во иднина.на соодветните наставни програми, учебници и други релевантни наставни материјали, натписи на табли, историски монументи, споменици и информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и во електронски информативни досиеја на јавен имот.
Двете страни ќе ја охрабрат Комисијата да го заврши прегледот на средниот век во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол.
На следниот состанок на Мешовитата комисија по чл. 12 од Договорот, двете страни да ги одобрат препораките на Комисијата за целиот период во текот на средниот век.
Согласно точка 3, ст. 3 од Записникот од првиот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија од 2019 година, владите на двете земји да ја охрабрат Комисијата да подготви и да им предложи на двете влади препораки за заедничко одбележување на заедничките историски настани и личности во рок од една година од потпишувањето на овој Протокол.
– Ѓоргиев: За Илинденското востание не сме разговарале во Комисијата
Двете земји, најдоцна до учебната 2024-2025 година, да ги променат, онаму каде што е потребно, сите учебници по историја во наставната програма за да ги одразат досега постигнатите резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ст. 2 од Договорот.
Двете страни продолжуваат да ја поддржуваат и охрабруваат работата на Комисијата, обврзувајќи се да продолжат да ги усогласуваат релевантните учебници и наставни програми, во согласност со резултатите од работата на Комисијата одобрени од двете влади.
Двете страни ја поддржуваат и охрабруваат Комисијата да ја заврши работата на сите периоди од заедничката историја што ги обединува двете земји и нивните народи, во согласност со чл. 8 став 2 од Договорот, со цел целосно имплементирање на овие препораки во образовните програми пред ратификацијата на Договорот за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Република Северна Македонија ќе преземе мерки за да обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во Република Северна Македонија:
– Постигнување одржливи резултати во спречувањето и одговорот против манифестациите на говор на омраза кон Бугарија и Бугарите во Република Северна Македонија во медиумскиот простор, вкл. во онлајн и социјалните медиуми, во Република Северна Македонија.
– Постигнување одржливи резултати во спречувањето, истрагата и гонењето на престапите од омраза, актите на говор на омраза и дискриминација на Бугарите во Република Северна Македонија.
– Преземање ефективни мерки за подигање на свеста за институционалните механизми за човекови права и зголемување на довербата на Бугарите во Република Северна Македонија во овие механизми и национални институции.
– Постигнување одржливи резултати за да се обезбеди слободно остварување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија за слободно изразување, зачувување и развивање на идентитетот и специфичните карактеристики на нивната заедница, како и слободно користење на симболите на нивната заедница.
Потпишан ….. во два оригинални примероци, секој на официјалните јазици на земјите – бугарски, според Уставот на Република Бугарија и македонски, според Уставот на Република Северна Македонија, двата текста со еднаква сила.