Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Христовото Раѓање – Божиќ, упати честитка до д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх и до сите верници кои го прославуваат Божиќ според грегоријанскиот календар.
Почитувани,
Дозволете да упатам искрени честитки до сите верници кои го празнуваат големиот христијански празник, Христовото Раѓање – Божиќ по грегоријанскиот календар и да ви посакам празничните денови да ги поминете во добро здравје исполнети со љубов, радост и среќа.
Христовото раѓање како празник на светлината, дарувањето и љубовта, на крајот од секоја календарска година им дава смисла и значење на нашите краткотрајни земни животи напојувајќи нѐ со надеж и верба.
Токму на Божиќ со чиста мисла и добра волја да се обединиме правејќи добри дела и споделувајќи љубов и грижа. И покрај сите кризи, искушенија, предизвици, да останеме оптимисти и да шириме позитивна енергија. Да овозможиме Божиќниот дух да се всели во нашите срца, во нашите домови, во нашите соседства, во целата заедница. Сплотени и солидарни да создаваме дела што ќе останат запаметени од идните генерации и ќе ја облагородат сегашноста. Да се почитуваме и помагаме, да даруваме повеќе.
Честит Божиќ!