Економската и енергетската криза во којашто се наоѓа земјава сериозно ги погоди лицата кои легално се занимаваат со рударење, односно копање криптовалути, а главната причина е зголемената цена на електричната енергија, како и падот на цените на овие валути кои значително се намалија.
Ништо веќе не е исплатливо, па дури ни бизнисот со криптовалути, вели скопјанецот Бојан, кој од неодамна одлучи да ги „пензионира“ машините за копање биткоини.
– Имав 5 машини кои ми служеа за копање криптовалути, но со новото поскапување на струјата сфатив дека овој бизнис веќе не е исплатлив. Машините ми беа сместени на долниот кат од куќата, а во изминатите неколку години заработував толку колку да не морам да одам на работа. Плус, машините толку многу го загреваат просторот, па јас дури и да не користев греење во зимниот период. Заработувачката беше скромна, но со оглед на тоа што имав само 5 машини, можам да кажам дека бев задоволен. Но, новата цена на струјата ме натера да се откажам од овој бизнис, а и многу мои колеги кои се занимаваат со истата работа веќе се откажаа или се во процес на откажување. Во игра се само големите играчи кои поседуваат цели „фарми“ за производство на криптовалути. Верувам дека нивната заработка сѐ уште е премногу висока за да би се исплашиле од високите сметки за струја, ако воопшто ги плаќаат – објаснува нашиот соговорник.
Во разговор за Плусинфо уредникот на tokenpaddock.com и крипто експерт Дарко Симуновски открива зошто рударите на криптовалути кај нас губат интерес за овој бизнис преку кој се остваруваа солидни приходи.
Тој појаснува дека добивката од копањето криптовалути зависи од повеќе работи во процесот, како што се инвестициите во хардвер и учеството во мајнинг процесот, моменталната цена на криптовалутата, стапката на „хаш“, тешкотијата на рударството, трошоците за електрична енергија и за уредите за ладење.
– Кога рударите, постои шанса да загубите дел од вкупната инвестиција. Нестабилноста на цените може да биде фактор, како и ризикот од прегорување на хардвер деловите. Еве ќе ви дадам конкретен пример, ако вложевте околу 6.000 евра во опрема (5 графички карти) отприлика би мајнирале околу 0.13 Етериуми месечно помножено со моментална цена. Денешна цена од 1.350 евра за 1 етер помножено со 0.13 би дошло 175 евра приход месечно, минус околу 70 евра сметка за струја со поскапување. Кога крипто пазарот беше во зелено, заработка со ваков перформанс беше и преку 600 евра месечно – вели Симуновски.
Според него, заинтересираноста за рударење на криптовалути исто така падна поради промената на консензусот во Етериум блокчејн што се случи на 15 септември годинава.
– Надградбата од оригиналниот консензус механизам (PoW) доказ на работа, се смени во (PoS) доказ за удел, и ова беше наречено Етериум спојување (Ethereum merge). Ова т.н. спојувањето се однесува на оригиналниот Етериум блокчејн кој се спојува со посебен (PoS доказ за удел) блокчејн наречен (Beacon chain) Бикон чејн, кој сега постои како еден синџир/Блокчејн. Со ваквата промена 95% од рударите со графички карти останаа без работа, затоа што сите тие рудареа на Етериум блокчејн – вели експертот за Плусинфо.
Тој додава дека со промена на консензусот на Етериум блокчејн, 95% рудари ја изгубија работата, мал дел од овој процент ќе се префрлат на други мрежи, а најголем дел од нив ќе престанат со работа.
На прашањето што во моментов би можеле да направат мајнерите, Симуновски вели дека сега рударите со графички карти имаат уште дваесетина други блокчејни што поддржуваат ваков вид на мајнинг, но не се рентабилни поради слаба ликвидност и нивната ниска маркет капитализација особено во бер/мечкин маркет.
– Со потенцијално префрлување на друг блокчејн заработката би била далеку помалa во споредба со досегашното рударење на Етериум. Сепак би спомнал неколку алтернативи како Raven Coin, Flux, Render, Ergo – ни одговори уредникот на tokenpaddock.com.
Симуноски вели дека минатата година неколку пати предупредувал за високата инфлација, додека енергетска криза се појави како домино ефект од војната во Украина.
– Моментално светот е во рецесија, со кревање на каматните стапки во повеќето држави, инфлацијата ќе се намали во наредните месеци. Сепак тоа ќе донесе други проблеми како негативен раст на економијата, затоа што многу фирми ќе затворат поради намалена ликвидност и многу луѓе ќе ја изгубат својата работа. Морам да напоменам дека инфлацијата се случи како одговор на ковид затворањето, а не поради војната во Украина. Енергетската криза направи дополнителен притисок за ослабување на економијата и уништување на стандардот на граѓаните, особено во ЕУ – вели крипто експертот.
Тој предупредува дека следната година недостатокот на храна ќе биде дополнителен проблем во периодот на рецесија.
– Финансиските пазари (пазар на акции) не се имуни на ваква незавидна ситуација, вклучително и крипто маркетот, но раст на подолг рок е неминовен. Криптовалутите се тука да останат, цела економија за 3-4 години ќе биде токенизирана. Паметни инвеститори се едуцираат и го користат овој период за акумулација на Биткоин и други квалитетни дигитални средства, затоа што следниот бул ран (биков маркет) ќе донесе повеќе од 600% заработка од иницијална инвестиција. Крипто светот нуди можност за нова класа на финансиски независни луѓе – објаснува Симуновски.