Украина мора да го запре нападот на Русија во следните седум до 10 дена за да не може Москва да тврди каква било победа, наведе висок украински владин претставник.
Вадим Денисенко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, смета дека Русија е очајна за барем некаква победа, наведувајќи ги градовите Мариупол или главниот град Киев како најверојатни цели.
„Ним им треба барем некоја победа пред да бидат принудени на финалните преговори. Затоа наша задача е да се спротивставиме во наредните 7-10 дена“, напиша Денисенко на Фејсбук.
Русија соопшти дека денеска ќе обезбеди хуманитарни коридори за луѓето кои бегаат од Киев и четири други украински градови. Единствениот оперативен коридор е тој од градот Суми, кој беше отворен вчера.