Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска потврди дека останува на ставот за референдумско изјаснување за францускиот предлог-преговарачка рамка.
– Сметам и со таков став излегов пред ИК и ЦК на партијата. Ќе продолжат консултациите со експертите и јавноста околу тоа каква форма ќе биде референдумот, кога би се одржал, кој би го поднел – дали пратениците или 150.000 граѓани, дали ќе биде референдум претходен или последователен, дали ќе се однесува на преговарачката рамка или на делот на преговарачката рамка што се повикува на билатералниот Договор со Бугарија и изворот на проблемите, а тоа е Протоколот. Што се однесува до дебатата во јавноста, противници на вакво референдумско изјаснување на граѓаните се власта и оние инсталации на власта во опозицијата. Кога зборувам за инсталации мислам на албанските опозициски партии, но и други маргинални политички партии и лидери – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој додаде дека не слушнал став на партиите на Албанците во опозицијата за референдум.
– Но откако го поддржаа оној лист хартија во Собранието имам дилема дали се воопшто во опозиција или се резервна варијанта или базен за пратеници на власта. Тука веќе имам јас дилема каде тие припаѓаат. За да се идентификуваат себеси како опозиција треба во јавноста да излезат со ставови со кои ќе ја критикуваат власта – посочи Мицкоски.