Политичарите и јавните личности од Бугарија и Северна Македонија имаат одговорна улога во градењето доверба и развивање на добрососедски односи меѓу двете земји, се вели во соопштението на бугарското МНР кое претставува реакција на провокативниот настап на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски минатиот викенд во Скопје, за време на одбележувањето на годишнината од смртта на Мара Бунева.
Бугарското МНР вели дека „навреди и провокации се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни“. За изјавите на Џамбаски се додава дека не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не може да се толкуваат како такви.
Бугари од Македонија, заедно со Џамбаски и други претставници на крајнодесничарската партија ВМРО-БНД, во сабота се собраа на панихида по повод 95-годишнината од смртта на Мара Бунева. Џамбаски на собирот испрати провокативни пораки за територијални претензии. За него, македонските политичари се „србомани кои вршат геноцид врз Бугарите“, а Македонија ја нарече „бугарска“.