Со 68 гласа „за“, македонскиот Парламент денеска ги усвои заклучоците со коишто се задолжува Владата да го продолжи процесот со Европската Унија и да се усвои преговарачката рамка.
Пред гласањето, пратениците од опозицијата ја напуштија пленарната сала во Собранието.
Инаку, атмосферата во салата беше проследена со прозивки и обвинувања од двата табора, а имаше и прилично тензични моменти.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица бараа отфрлање на францускиот предлог, кој, според нив, води кон директна асимилација на македонскиот народ и долгорочно попречување на европскиот пат на Македонија.
За разлика од нив, пратениците од власта убедуваа дека оваа преговарачка рамка нуди неповредливост на македонскиот идентитет и нуди почеток на преговори за полноправно членство во Унијата.