Им се заканува ли „струен удар“ на комуналните претпријатија во земјава? Дел од нив веќе се исклучени од струја поради неплатени сметки. Другите не се сигурни уште колку ќе можат да издржат со оглед на тоа што сметките за струја неколкукратно им се зголемени од декември лани, а ги чекаат и многу повисоки сметки до крајот на годината, бидејќи струјата ја купуваат на отворен пазар по берзански цени. Скоро сите велат дека не се сигурни дека во вакви услови ќе можат да обезбедат вода за пиење и чиста канализациска мрежа и нормално да работат. Во моментов не размислуваат за отпуштање вработени, но не се сигурни дека ќе можат да исплатат плати.
Комуналните претпријатија очекуваат рекција од владата по неколкуте нивни барања за подобрување на состојбата, бидејќи општините немаат буџети да им помогнат.
– Голем број претпријатија се во тешка состојба поради неможноста да ги платат доспеаните обврски за електрична енергија и во некои од нив веќе дојде до исклучување, со што директно се загрозува давањето на услугите – потврдуваат од Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ).
Според ова здружение, најголемиот дел од јавните комунални претпријатија, кои имаат голема потрошувачка на електрична енергија, моментно се во мошне тешка положба и не можат да ги покријат оперативните трошоци со приходите кои ги остваруваат.
– Тоа значи дека тие нема да можат да ги сервисираат своите обврски, што директно ќе се одрази врз непрекинатоста и квалитетот на давањето на комуналните услуги – велат од АДКОМ.
Комунални претпријатија веќе пресметале дека до почетокот на зимата поголемиот дел од нив ќе треба да го потрошат целиот буџет само за да ги платат сметките за струја.
– Оваа состојба ќе стане се поизразена до почетокот на зимата. Според некои пресметки учеството на трошоците за струја, во зависност од претпријатијата, во минатиот период се движи од 20 до 25 отсто. Со сегашните поскапувања, трошоците за струја ќе се зголемат повеќекратно, а во некои претпријатија може да се движат од 60 до 90 отсто од буџетот со кој располагаат – укажуваат од АДКОМ.
Поголемиот број од јавните комунални претпријатија се снабдуваат со струја на слободен пазар, но по прогласување на кризната состојба во енергетиката добавувачите ги раскинаа договорите за снабдување и тие сега мора да преминат на снабдување од ЕВН, снабдувач во краен случај каде што, како што велат, маржата е 50 отсто.
– Во изминатиот период цената на електричната енергија се зголеми неколкукратно, а како илустрација еве ги сметките за струја на јавното претпријатие Водовод од Куманово од каде најдобро може да се види колкава е сумата за истиот период минатата и оваа година за приближно иста потрошувачка на струја. Во јули лани сметката на ова комунално претпријатие изнесуваше 1,276,806 денари, а во јули годинава 5,445,651. Ланскиот август сметката изнесуваше 1.735.716 денари, додека годинава таа се искачи на 8.787.929 денари. За септември се очекува најмалку двојно да се зголеми цената на еден мегаватчас (на 750-800 евра за мегватчас.). Со оваа цена се очекува трошокот за струја за септември да изнесува повеќе од 18.000.000 денари (292.200 евра) колку што изнесува сметката за електрична енергија за цела 2021 година на претпријатието – велат од АДКОМ.
Најпогодени од зголемените трошоци за електрична енергија, велат од АДКОМ, се јавните комунални претпријатија, кои имаат голем број пумпни станици, ја прочистуваат суровата вода, вршат препумпување на отпадните води, и кај сите кои ги прочистуваат отпадните води.
Поради оваа состојба, додаваат оттаму, потребно е најитно да се планира и да се обезбеди потребна поддршка за да можат ЈКП непречено да ја извршуваат својата работа, пред зимскиот период.
Здружението неодамна побара од владата да ја разгледа можноста ЈКП да почнат да се снабдуваат со електрична енергија од ЕСМ, по исти тарифи како котларниците, топлинските станици, училиштата и сите други институции што се со повластена тарифа.
На проблемот денеска реагираше и Конфедерацијата на слободни синдикати која побара субвенции за струјата во индустриските капацитети и комуналните претрпијатија.
Како модел за субвенционирање на струјата во јавните комунални претрпијатија, КСС ги посочува примерите од соседството – Бугарија, Србија и Грција, според кои поголем дел од државниот буџет оди за оваа намена.
-Ако властите во најитен можен рок не изнајдат решение за субвенционирање на струјата во големите индустриски капацитети и, пред се, во јавните комунални претрпијатија како даватели на услуги на граѓаните, ќе се соочиме со зголемување на цените за комуналните услуги, но и со губење на работни места. Доведен ќе биде во прашање опстанокот на работникот во тешката зима што претстои – рече претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Не се само јавните комунални претпријатија во криза поради високите сметки за струја. Сопственици на мали бизниси на социјалните мрежи споделуваат сметки кои за еден месец пораснале енормно, бидејќи дел од нив, кои се снабдуваат од универзалниот снабдувач како и домаќинствата, преминале во повисоката тарифа за пресметка на цента на струјата.