Согласно двете министерски одлуки, едната со предусловите за патување во земјата, а другата со мерките за заштита на јавното здравје во самата земја, што денеска стапија во сила, а со оглед на тоа дека рестрикциите во Грција важат и за туристите, постојат различни правила за влез во земјата и различни во внатрешноста, а се однесуваат на европските сертификати за вакцинација и прележан ковид-19, кои имаат различно времетраење, јави дописничката на МИА од Атина.
Утрово стапи во сила новата министерската одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на ковид-19“, а влез во Грција е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 33-те земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија, кои ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за ковид-19, поврзан со вакцинација, со прележана болест или негативен тест по направен ПЦР или рапид тест.
За патување во Грција валиден е европскиот сертификат за вакцинација до девет месеци од втората доза, но за влез во затворените објекти во земјата, валидноста на сертификатот е седум месеци, а иста е ситуацијата и со потврдата за прележан ковид-19, што важи 180 дена при влез, но 90 за во Грција.
Поконкретно, како што анализира МИА, во Грција може да се влезе со европски сертификат за вакцинација, доколку не се поминати девет месеци од втората доза, но ако се поминати над седум месеци, посетителот нема да има пристап во затворените објекти, како што се малопродажбата, продавниците во рамките на моловите, банките, угостителските објекти, кината, театрите, археолошките локалитети.
Идентична е ситуацијата и со прележаните. Сертификатот за прележан ковид-19, што се издава 14 дена по првиот позитивен тест со направен ПЦР или со рапид тест е со важност до 180 дена, кога станува збор за патување во Грција. Но, во внатрешноста на земјата, времетраењето е намалено на 90 дена.