Граѓаните на Северна Македонија воопшто и Албанците особено долго го чекаа овој прв конкретен чекор кон отворање на преговорите со Европската Унија, истакна лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
– Алијанса за Албанците, заедно со граѓаните, се радува на одржувањето на првата меѓувладина средба во Брисел, за којашто сите заеднички се жртвувавме, се ангажиравме и придонесовме да се исполни уште една наша стратешка дефиниција, по членството на земјата во НАТО. Отворањето на преговорите и членството во Европската Унија се од витално значење за Северна Македонија и единствената надеж за реформи во системот, борбата против криминалот и корупцијата, владеењето на правото, еднаквоста на граѓаните и народите, како и за подобрување на стандардот на живеењето и на економскиот развој на земјата. Исто така ѝ честитаме и на Албанија за овој важен чекор и се радуваме на заедничкото патување кон големото европско семејство – изјави Села.
Сега останува наша одговорност да ги исполниме стандардите, додава тој, да ги спроведеме реформите, да го искорениме криминалот и корупцијата и да воспоставиме владеење на правото и европски вредности.
– Бескрајна благодарност до земјите членки на ЕУ кои и покрај многуте предизвици, грешки и неуспеси во управувањето во нашата земја, не се откажаа и им ги отворија вратите на граѓаните со надеж за иднината – рече Села.