Од Европол објавија дека се испратени тимови во земјите што граничат со Украина, во обид да се заштитат бегалците и да се спречи влезот на криминалци и на терористи во Европската Унија.
Агенцијата со седиште во Хаг соопшти дека нејзините тимови ги поддржуваат локалните власти со спроведување секундарни безбедносни проверки и обиди да „идентификуваат криминалци и терористи кои се обидуваат да влезат во ЕУ заедно со бегалците и да ја искористат ситуацијата“.
Екипи се испратени во Литванија, Полска, Романија, Словачка и Молдавија, по барање на тие земји, а една ќе пристигне во Унгарија.
Нивните членови ќе собираат податоци на терен за да ја проценат заканата од криминал низ Европа.
Според ОН, од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, повеќе од четири милиони луѓе ја напуштиле Украина.