Рускиот претседател Владимир Путин ја стави економијата во „невидено лоша ситуација”: тоа е заклучокот на познатиот руски економист Сергеј Гуриев, поранешен главен економист на Источноевропската банка за развој ЕБВР.„И покрај високите цени на нафтата, земјата е во рецесија“, вели тој за германски Ханделсблат.
Војната и западните санкции ја втурнаа Русија во длабока криза, објаснува актуелниот ректор на елитниот универзитет Сајнс По во Париз. Наместо економски раст од три проценти што се очекува на почетокот на годината, бруто домашниот производ (БДП) најверојатно ќе падне за шест проценти. Гуриев предвидува „огромен пад на руската економија”.
Во март, веднаш по воведувањето на санкциите по руската инвазија на Украина, во Русија владееше „тотална паника”. Сепак, Централната банка на Москва беше во можност да преземе решителни чекори за да се спротивстави на ситуацијата. Во тоа време, руската економија можеше малку да закрепне главно поради фактот што само САД, но не и ЕУ, воведоа строги санкции против купувањето на руски енергенси.
Но, со европското ембарго за нафта и забраната за купување руски нафтени деривати, главниот извор на приход на Русија ќе биде сериозно ограничен во иднина, вели Гуриев.
Руската индустрија е исто така тешко погодена од ембаргото за увоз, особено на високотехнолошки производи: „Овој увоз е преполовен, а сега има недостиг од градежни материјали и резервни делови, технологија и капитал во сите области на многу сектори”, објаснува економист.
Западот мора да биде многу внимателен да не ги заобиколи санкциите: Доколку санкционираните стоки стигнат до Русија преку Турција или Кина, земјите извознички мора да подлежат на строги казнени мерки, наведува Гуриев.
Според Гуриев, санкциите влијаат и на опремата на руската армија. Бидејќи руската индустрија повеќе не може да ги набавува потребните високотехнолошки компоненти, Русија повеќе не може да произведува напредно оружје. Наместо тоа, Путин мора да ги „отпакува старите, конзервирани тенкови од советската ера”, вели економистот. Пред се, недостасуваат чипови од Тајван, специјални челици од Германија и мотори од Франција.
Значително настрада и рускиот буџет. Само во јули недостасуваа 900 милијарди рубљи (15,2 милијарди евра), или осум отсто од БДП.