Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша указ со кој се предвидува исплата по пет милиони рубљи (околу 75.800 евра) на семејствата на припадниците на руската национална гарда (Росгвардија) кои загинаа во Украина и во Сирија.
Со декретот, Путин официјално призна дека меѓу загинатите во агресијата против Украина, која Москва ја опишува како специјална воена операција, има и членови на Росгардија. Станува збор за формација која е директно одговорна пред Путин, а е основана во 2016 година за борба против тероризмот и организираниот криминал. Претходно претежно се користеше за задушување на антивладините протести.
Западните аналитичари го толкуваат распоредувањето на членовите на Росгвардија од почетокот на војната како знак на погрешното верување на Москва дека брзо ќе ги окупира големите градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, каде што гардата би имала улога во одржувањето на редот и задушувањето на протестите.
Меѓутоа, руските сили мораа да се повлечат од Киев и вториот по големина украински град Харков, па сега најтешките битки се водат во источниот дел на Донбас.
Претходно Путин најави шеми за обештетување на семејствата на загинатите и ранетите војници. На 25 март Русија последен пат го објави официјалниот број на загинати руски војници во Украина. Тогаш Москва соопшти дека 1.351 руски војник биле убиени, а 3.825 биле ранети. Украина и западните влади веруваат дека бројот е многукратно поголем.