Постојаниот претставник на Русија во Европската унија, Владимир Чижов изјави дека Руската Федерација нема да преземе мерки во однос на Украина доколку, како што наведе, „не биде испровоцирано да го стори тоа“.
– Нема да извршиме инвазија врз Украина доколку не бидеме испровоцирани. Ако Украинците ја нападнат Русија, немојте да се чудите ако возвратиме – изјави Чижов во интервју за британски „Гардијан“.
Тој истакна дека Русија ќе одговори доколку некаде бидат убиени руски државјани, вклучително и во Донбас.
Чижов изјави дека бројот на руски војници на границата со Украина е еквивалентен на бројот на војници за време на вежбата Запад 21, која беше спроведена во септември минатата година.
– И тогаш никој не кажа ни збор – додаде Чижов.
Рускиот дипломат рече дека верува оти дипломатските напори во последните недели сепак може да резултираат со решение прифатливо за сите страни.
Портпаролот на Крмљ, Дмитриј Песков, во изјава за Фредерик Плајтген од Си-Ен-Ен кажа дека рускиот претседател Владимир Путин е „подготвен да преговара“, додавајќи дека кризата во Украина е само дел од безбедносните грижи на Русија.
– Прво, претседателот Путин секогаш инсистирал на преговори и дипломатија. Всушност, тој го покрена прашањето за безбедносните гаранции за Руската Федерација, а Украина е само дел од проблемот. Тоа е дел од поголемиот проблем со руските безбедносни гаранции и претседателот Путин е подготвен да преговара – рече Песков.
Претходно, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на претседателот Путин му соопшти дека гледа можност за дипломатски дијалог со Западот за безбедносните грижи на Русија и препорача таквите напори да продолжат.
Лавров го информирал и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за преговорите на Русија со земјите-членки на НАТО и ОБСЕ за безбедносните гаранции, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
„Тие разменија мислења за голем број актуелни меѓународни теми, вклучувајќи ги Сирија, Либија, активностите на мисијата на ОН на Косово, во контекст на руското претседателство со Советот за безбедност на Обединетите нации во февруари – пренесоа руски медиуми.
Лавров му обрнал внимание на генералниот секретар на ОН на проблемите со кои се соочува руската мисија во ОН во САД поради неисполнување на американските обврски, пред се во однос на канцелариски простор и издавањето визи за вработените и членовите на руските делегации кои учествуваат на Генералниот Собрание.