На денешниот вонреден Самит на НАТО во Брисел, земјите-членки беа едногласни во ставот кон кризата во Украина. Еве ја нивната заедничка изјава:
„Најостро ја осудуваме руската инвазија на Украина. Го повикуваме претседателот (Владимир) Путин веднаш да ја прекине оваа војна и да ги повлече воените сили од Украина и ја повикуваме Белорусија да стави крај на соучесништвото, во согласност со Резолуцијата против агресијата врз Украина, усвоена на Генералното собрание на ОН од 2 март 2022 година, се наведува во денешната заедничка изјава на лидерите од земјите-членки на НАТО.
Русија треба да ја почитува пресудата од 16 март на Меѓународниот суд на правдата на ОН и веднаш да ги прекине воените операции. Н ападот на Русија врз Украина ја загрозува глобалната безбедност. Нејзиниот напад врз меѓународните норми го прави светот помалку безбеден. Ескалаторната реторика на претседателот Путин е неодговорна и дестабилизирачка“.
Лидерите од НАТО земјите најостро ги осудија „разурнувачките напади врз цивили, вклучувајќи и жени и деца“, обврзувајќи се дека ќе соработуваат со остатокот од меѓународната заедница со цел да се изведат пред лицето на правдата одговорните за прекршувањето на меѓународните и хуманитарните закони, вклучувајќи и воени злосторства.
„Ние сме длабоко загрижени поради зголемениот ризик од сексуално насилство и трговија со луѓе. Ја повикуваме Русија да дозволи брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап и безбеден премин за цивилите и да дозволи доставување хуманитарна помош до Мариупол и другите опколени градови“, се посочува во Заедничката изјава.
На Самитот на НАТО лидерите ги осудија нападите врз цивилната инфраструктура, вклучително и оние кои ги загрозуваат нуклеарните централи.
„Ќе продолжиме да се спротивставуваме на лагите на Русија за нејзиниот напад врз Украина и ќе ги разоткриеме измислените наративи или операциите изведени под „лажно знаме“ за да го подготват теренот за понатамошна ескалација, вклучително и против цивилното население во Украина. Секоја употреба од страна на Русија на хемиско или биолошко оружје би била неприфатлива и би резултирала со тешки последици“, потенцираат чидерите на членките на Алијансата.
Тие побараа Русија да покаже дека е сериозна кога се во прашање мировните преговори и веднаш да имплементира прекин на огнот.
Во Заедничката изјава, исто така, се искажува солидарност со украинскиот претседател Володомир Зеленски, украинската влада и „храбриот народ кој ја брани својата татковина“. Воедно, тие ја повторија недвојбената поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во рамки на нејзините меѓународно признати граници.
„Украина има фундаментално право на самоодбрана согласно Повелбата на Обединетите нации. Од 2014 година, обезбедивме голема поддршка за способноста на Украина да го искористи тоа право. Ги обучивме вооружените сили на Украина, ги зајакнавме нивните воени способности и капацитети и ја зајакнавме нивната отпорност. НАТО сојузниците ја засилија својата поддршка и ќе продолжат да обезбедуваат дополнителна политичка и практична поддршка на Украина додека таа продолжува да се брани. НАТО сојузниците, исто така, ќе продолжат да обезбедуваат помош во области како што се кибер безбедноста и заштитата од закани од хемиска, биолошка, радиолошка и нуклеарна природа“, се наведува во изјавата, дополнувајќи дека министрите за надворешни работи ќе разговараат за понатамошна поддршка за Украина на средбата во април.
„Ние сме обединети во нашата решеност да се спротивставиме на обидите на Русија да ги уништи темелите на меѓународната безбедност и стабилност. Бараме одговорност од Русија и Белорусија. На Русија и беа наметнати огромни санкции и голема политичка цена со цел да се стави крај на оваа војна. Остануваме решени да одржиме координиран меѓународен притисок врз Русија“, инсистираат шефовите на држави или влади од земјите-членки на НАТО, дополнувајќи дека и во иднина ќе соработуваат со други меѓународни организации, меѓу кои и Европската унија.
„Ги повикуваме сите држави, вклучително и Народна Република Кина (НРК), да го поддржуваат меѓународниот поредок, вклучувајќи ги принципите на суверенитет и територијален интегритет, како што се вградени во Повелбата на ОН, да се воздржат од поддршка на воените напори на Русија на кој било начин и да се воздржат од каква било акција што и помага на Русија да ги заобиколи санкциите“, се наведува во изјавата, каде се изразува и загриженост поради неодамнешните јавни коментари на официјални претставници на НР Кина. Тие бараат Кина „да престане да ги засилува лажните наративи на Кремљ, особено за војната и за НАТО, и да промовира мирно решавање на конфликтот“.
„Остануваме посветени на основните принципи кои ја поткрепуваат европската и глобалната безбедност, вклучително и тоа дека секоја нација има право да избира свои безбедносни аранжмани без надворешно мешање. Ја потврдуваме нашата посветеност на политиката на отворени врати на НАТО според член 10 од Вашингтонскиот договор“, се истакнува во Изјавата.
Во неа, уште се вели, дека како одговор на дејствијата на Русија, НАТО ги активираше одбранбените планови, распореди елементи на силите за одговор и 40.000 војници во источното крило, заедно со значителни воздушни и поморски средства, под директна команда на НАТО. Исто така, се потсетува дека НАТО формираше четири дополнителни мултинационални борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка.
„Ги преземаме сите мерки и одлуки за да обезбедиме безбедност и одбрана на сите сојузници во сите домени и со пристап од 360 степени. Нашите мерки остануваат превентивни, пропорционални и неескалаторни“, се потенцира во Изјавата.
„Во услови на најголемата закана за евроатлантската безбедност во последните децении, ние, исто така, значително ќе ја зајакнеме нашата долгорочна способност за одвраќање и одбрана. Овие чекори ќе бидат поддржани со засилени вежби со зголемен фокус на колективната одбрана и интероперабилноста. „а зголемуваме отпорноста на нашите општества и нашата инфраструктура за да се спротивставиме на злонамерното влијание на Русија. Ги подобруваме нашите кибер способности и кибер одбрана, обезбедувајќи меѓусебна поддршка во случај на кибер-напади. Ние, исто така, ќе ја зголемиме нашата подготвеност и подготвеност за хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани. Ќе донесеме дополнителни одлуки кога ќе се состанеме во Мадрид“, се потенцира во Заедничката изјава.
На денешниот Самит лидерите од НАТО земјите се договорија и да ги зголемат трошоците за одбрана. Тие наведуваат дека денеска донеле одлука и за забрзување на напорите за исполнување на ветувањето за инвестиции во одбраната во целост.
„Во согласност со нашата посветеност содржана во член 3 од Договорот од Вашингтон, дополнително ќе го зајакнеме нашиот индивидуален и колективен капацитет да се спротивставиме на сите форми на напад. На нашиот состанок во Мадрид ќе поднесеме дополнителни планови за тоа како ќе ги исполниме преземените обврски“, се наведува во Изјавата.
„Неиспровоцираната војна на Русија против Украина претставува основен предизвик за вредностите и нормите кои донесоа безбедност и просперитет за сите на европскиот континент. Изборот на претседателот Путин да ја нападне Украина е стратешка грешка, со тешки последици и за Русија и рускиот народ. Остануваме обединети и решителни во нашата одлучност да се спротивставиме на руската агресија, да им помогнеме на владата и народот на Украина и да ја браниме безбедноста на сите сојузници“ се заклучува во Заедничката изјава на шефовите на држави или Влади на земји-членки на НАТО, усвоена денеска во Брисел на вонредниот Самит на Алијансата.