More

    Преговорите се можност за намалување на евроскептицизмот преку враќањето на Европската Унија на голема врата кај нас и во регионот

    spot_img

    Преговорите се можност за намалување на евроскептицизмот преку враќањето на Европската Унија на голема врата кај нас и во регионот. Тоа може да се постигне само преку поголема видливост на Унијата со своите механизми, иницијативи, критики и структурни фондови. Граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата, не како далечно, безлично бирократско тело, туку, како нивен сојузник во напорите за подобар живот, тука, во Северна Македонија, порача претседателот на државата Стево Пендаровски на денешниот настан „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!.

    Најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на државата, според Пендаровски, доаѓа во време на растечки евроскептицизам меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции.

    – Во текот на изминативе 17 долги кандидатски години, сведоци сме на многу започнати, а недовршени реформи и уште повеќе на бројни донесени, а селективно спроведени европски закони. Во неколку наврати македонските граѓани и нивните избрани политички претставници прифаќаа тешки компромиси без преседан во модерната историја, сѐ во името на европската иднина. Не еднаш беше подгреван ентузијазмот кај луѓето кога се чинеше дека се наоѓаме пред самата порта на Обединета Европа. И речиси секогаш тие очекувања беа изневерувани поради барања и блокади кои реално не беа поврзани со европските вредности. На внатрешен план, закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација во општеството, партизација на институциите, економска стагнација и најтешкото и најболното, масовно иселување на младите – истакна Пендаровски.

    Единствено, континуитетот во преговорите може да ја промени ваквата состојба, смета Пендаровски, според кого, не е исклучена можноста од идни провокации од политички субјекти со анахрони погледи и непринципиелни и неевропски барања кои задираат во нашите идентитетски прашања.

    – Но, во Европа, треба да му биде секому јасно, дека партнери за таков дијалог овде нема да најдат. Не смееме да трошиме време и енергија за да смируваме нечија нечиста совест. Сиот потенцијал треба да биде фокусиран кон реалните, а не кон реторичките реформи, затоа што тоа од нас, долго, предолго го очекуваат македонските граѓани – порача Пендаровски.

    За продолжување на преговорите, како што рече шефот на државата, ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање. Овој процес, според Пендаровски, треба да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација.

    – Во преговорите ќе ни стане јасно дека интеграциите не се само добрососедските односи, туку станува збор за еден колосален потфат за трансформација на државата и општеството што ќе бара трпение од сите нас, но и откажувања во многу области од нашето живеење особено на оние кои се денес привилегирани по разни основи. Крајната цел е изградба на функционална правна држава со ефикасен судски систем – нагласи Пендаровски, порачувајќи дека преговорите за членство ќе траат со години и дека од сите нас ќе се бара напуштање на старите навики и испорачување резултати.

    Во таа смисла, рече Пендаровски, сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, преку Владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор до медиумите.

    – Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции. А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат – порача Пендаровски.

    Преговорите за членство, смета шефот на државата, ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img