Албанија е во демографска криза, откако минатата година првпат бројот на починати е поголем од новородени, што е негативен природен прираст со над 3.200 смртни случаи повеќе од раѓања, наведе Топ чанел во својата анализа.
– Од 1923 година, кога беа спроведени демографски пописи на населението во земјата, стапката на наталитет била повисока од стапката на морталитет, со што Албанија имаше позитивен природен прираст на населението. Повикувајќи се на податоците на Институтот за статистика во 1990 година, овој показател достигна 63,9 илјади раѓања повеќе од загуби на животи – посочува Топ чанел.
Во анализата се додава дека оттогаш овој показател е значително намален бидејќи наталитетот бележи постојан пад, што е последица на масовната миграција и определбата за мал број деца во семејството.
– Најголем пад е забележан во последните две децении, по 2000 година наваму, кога веќе заѕвони алармот. Во тој период, природниот прираст беше 34,8 илјади раѓања повеќе од починати, продолжувајќи го трендот на намалување во текот на годините до крајот на 2020 година, што ќе биде последна година кога раѓањата ќе доминираат над смртните случаи со 470 раѓања повеќе од починати – посочува телевизијата во анализата.
Минатата година 2021 година регистрана е рекордна стапка на смртност, починале 30.600 лица а се родиле 27.284.
Големо влијание немаат ниту напорите на државата преку различни политики да го зголеми наталитетот, како што е последната, од 2019 година, со доделување бонус за секое новороденче, независно дали е родено во Албанја или надвор од неа, но е запшано во матичната книга на родените. Минатата година бонус за новороденчиња добиле 43.581 што значи дека 16.297 од нив се родени надвор од Албанија.