За 25 години Црна Гора ја напуштиле 140.000 граѓани, 5.000 од нив само лани, а причините за миграцијата, според експертите, се неможноста за заработка, партиските вработувања и општата нестабилност на општеството.
– Повеќе од 140.000 луѓе ја напуштија Црна Гора. Тоа е како два Никшиќи, или како Плевља, Херцег Нови, Жабљак и Савник – изјави Срѓан Периќ од движењето „Преокрет”.
За да се запре овој тренд, на луѓето треба да им се понуди можност самостојно да се реализираат во Црна Гора.
– Тоа е можно, но цената што ја плаќаме, во суштина, поради доминацијата на партиите кои буквално одлучуваат за секое работно место, ги демотивира младите – истакна Периќ.
Според податоците на Монстат од минатата година, во Црна Гора живеат близу 618.000 жители, што е нешто повеќе од 3.000 во однос на 1991 година. Тоа, вели тој, значи голема стагнација, особено во однос на крајот на минатиот милениум.
– Ако Црна Гора имаше природен прираст како помеѓу 1961 и 1991 година во изминатите 30 години, кога порасна од 472.000 на 615.000, денес ќе бевме околу 800.000, а кога на тоа ќе се додадат и луѓето кои се иселиле во тој период, Црна Гора денес со една друга политика би имала над милион жители – смета Периќ.