Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Битола одлучи од денеска и во наредните три денови на битолчани да им овозможи бесплатен автобуски превоз до зимскиот центар Нижо Поле, со цел помош на граѓаните во услови на влошена состојба на амбиенталниот воздух во градот.
Од Општинскиот кризен штаб известија дека бесплатен превоз за граѓаните на општина Битола до Ски центар „Нижо Поле” ќе се одвива денеска, утре и во петок со време на поаѓање во 9, 11 и 13 часот на две автобуски линии.
-Во соработка со СВР Битола, ќе се спроведуваат зголемени контроли и пренасочување на тешките товарни возила, со цел да се спречи нивно влегување во градот, како и да се овозможи побрз проток на клучни раскрсници и тесни грла во градот,
На битолчани им се препорачува да носат заштитни маски, за што во соработка со ОО Црвен крст, ќе бидат поставени пунктови за бесплатно делење на маски во Новиот пазар, градскиот пазар и на Широк Сокак, соопштија од ОКШ по синоќешниот состанок со кој претседаваа градоначалникот Тони Коњановски и претседателката на општинскиот Совет, Габриела Илиевска.