Голем народен митинг, блокада на Собранието и жестока дебата на собраниската седница, најавуваат опозициските партии во земјава, за време на дебатата во законодавниот дом околу Информацијата за преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија, која произлегува од т.н. француски предлог, со кој се прави обид да се симне бугарското вето на нашиот евроинтеграциски процес.
Во Собранието на Република Македонија утре е планирано да се обрати и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но тоа воопшто нема да ги поремети плановите на опозицијата, која веќе се подготвува кампот од пред Владата да го пресели пред влезот на Парламентот.
Договорот за добрососедство е изворот на сите проблеми
Од партијата Левица најавија апел до сите граѓани на Македонија, утре точно на пладне и во што е можно поголем број да се појават пред Собранието.
– Повикуваме на масовна блокада на Собранието, а кампот од пред Влада ќе се пресели пред законодавниот дом. Нашите пратеници ќе делуваат од внатре, а народот од пред зградата на Собранието – вели за Плусинфо Јована Мојсоска, членка на президиумот на Левица.
Таа вели дека спротивно на уверувањата од страна на владејачката коалиција, ниту еден меѓународен договор не е „впишан во камен“ и дека тие се подложни на ревизија.
– Изворот на сите проблеми е Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија, потпишан во 2017 година. Ние во иднина ќе се залагаме за негово укинување, а за тоа веќе имаме преседан бидејќи Бугарија еднострано се има повлечено од Бледскиот договор – додава Мојсоска, која потенцира дека во Левица се фокусирани на собраниската расправа и воопшто не размислуваат за нивните идни чекори, доколку францускиот предлог биде прифатен од мнозинството пратеници.
Утавот нема да ви помине
На протести пред Собрание ќе повика и ВМРО-ДПМНЕ, а најавено е активно учество на нивните пратеници во дискусијата. Сепак, нашиот извор во оваа партија порачува дека не треба да се подгрева надежта кај народот дека опозицијата ќе може да го спречи прифаќањето на францускиот предлог во Собранието, бидејќи за такво нешто е потребно просто мнозинство од вкупниот број пратеници.
– Сè што власта ќе добие од ова е едно сликање во Брисел на првата меѓувладина конфереција со ЕУ. Сепак, за Македонија вистински да го добие датумот, прво ќе треба да се испочитува условот од преговарачката рамка, а тоа значи и внесување на Бугарите во Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство – вели нашиот извор во најголемата опозициска партија.
Утрово истото го потврди и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вети дека неговата партија нема да се согласи со уставните промени.
„Информацијата и фарсата во Собрание може да ви помине, но промена на Уставот НЕ! Вечерва во 19 часот пред Влада, преку МНР до Собрание! Ултиматум, НЕ благодарам!“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Од СДСМ се решени да прифатат
На Твитер се споделува фотографија со телефонските броеви на пратениците на СДСМ, со апел граѓаните да им испраќаат охрабрувачки пораки за да гласаат против предлогот.
Сепак, од владејачката партија денеска уште еднаш потврдија дека ќе го поддржат францускиот предлог, апелирајќи до другите пратенички групи во Собранието да го сторат истото.
Политикологот Димитар Христов смета дека тоа дополнително ќе се одрази на и онака лошиот рејтинг на СДСМ во гласачкото тело.
– Доколку се прифати овој предлог, прво и основно нема да биде испочитувана волјата на народот што секојдневно ја изразува со протестите во Скопје. Од друг аспект, прифаќањето на овој предлог ќе значи потпишување „капитулација“ на СДСМ, прво од страна на коалициските партнери коишто најавија повлекување доколку се прифати предлогот, а второ од нискиот рејтинг кај народот. Разочарувањето на народот би било уште поголемо од моменталното и предвремени избори би биле неизбежни. Во поглед на преговорите со ЕУ, тој процес повторно ќе трае и ќе трае со години бидејќи во договорот што беше објавен нема ништо конкретно дека преговорите ќе почнат веднаш по прифаќањето на предлогот – вели Христов.
Допрва следува блокадата
Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев, смета дека со прифаќањето на францускиот предлог, всушност потполно ќе се блокира евроинтеграцискиот процес на земјава.
– Доколку помине францускиот предлог во Собрание, тогаш Македонија ќе биде соочена со реална блокада во преговарачкиот процес, затоа што вистинскиот почеток на преговори со ЕУ за првиот кластер „Темели“, ќе биде откако во Уставот ќе бидат внесени Бугарите како малцинство. За тоа нема согласност од опозицијата, така што со сегашниот состав на Парламентот, а така ќе биде до 2024 година, тоа нема да биде можно – вели Ѓорчев.
Тој смета дека ќе нè очекува мошне тензична есен, делумно поради незадоволството од прифаќањето на францускиот предлог, но и поради енергетската и економската криза.
– Уставот нема да се промени и ќе продолжи агонијата со бесконечното чекање пред вратите на ЕУ, а евроскептицизмот ќе расте. Ние ќе мора да почнеме ревизија на Договорот за добрососедство со Бугарија, со барање преговорите околу историјата, културата и образованието да се водат под закрилата на УНЕСКО. Почитувањето на човековите права се облигаторни за Македонија, но облигаторни се и за Бугарија, која што ќе мора да ги почитува правата на своите граѓани кои се изјаснуваат како Македонци – смета Ѓорчев.
Претходно и претседателот Стево Пендаровски посочи дека со самото прифаќање на предлогот, Македонија ќе влезе во состојба на самоблокада, поради одбивањето на опозицијата да го прифати документот што произлезе од француското претседавање со ЕУ.