Без разлика дали станува збор за изложеност на насилни медиуми, играње возбудлива игра или испраќање пораки со пријателите, сите овие интеракции ја зголемуваат когнитивната возбуда, што пак може да ја намали поспаноста.
Силната вештачка светлина, вклучувајќи ги и мобилните телефони, го запира производството на хормонот мелатонин. Американска студија од Универзитетот во Колорадо покажа дека вечерното изложување на децата од предучилишна возраст на силна вештачка светлина речиси целосно го попречува производството на мелатонин.
Овој хормон е одговорен за регулирање на внатрешниот часовник на телото, ни кажува кога сме уморни или гладни, а важен е и како борец против слободните радикали во организмот, со што не штити од кардиоваскуларни болести.
Авторите забележуваат дека децата и адолесцентите кои го оставаат телефонот или компјутерот преку ноќ во нивната спална соба имаат значително поголема веројатност да имаат проблеми со спиењето, се вели во студијата.
Повеќе од 75 отсто од младите имаат уреди со екран во спалните соби, 60 отсто ги користат овие уреди за комуникација еден час пред спиење, а 45 отсто ги користат мобилните телефони како аларм.
Во спроведеното истражување, децата меѓу три и пет години, кои биле изложени на силно светло на ламба еден час пред спиење, производството на мелатонин престанало по 10 минути, а состојбата останала иста и еден час по исклучувањето на светлото.
Ова, заклучуваат научниците, може многу да го наруши квалитетот на сонот, но и да предизвика поголеми проблеми на долг рок.
Второто истражување е спроведено на деца на возраст меѓу девет и 16 години, а првиот заклучок е дека силната светлина повеќе влијае на помалите деца.
Тие ги поделија субјектите во три групи и ги изложија на три различни извори на светлина. Пригушеното светло го инхибираше производството на мелатонин за околу девет проценти, умерената светлина за 26 проценти, а силната светлина за 37 проценти кај помалите деца. Кај постарите, резултатите беа подобри.
Исто така, научниците предупредуваат на опасноста од паметните телефони и таблетите, кои им се достапни и на најмалите деца бидејќи им го нарушуваат секојдневниот ритам.
Децата често се изложени на многу силна светлина пред да заспијат, особено во близина на нивните лица. Во најлош случај, забележуваат тие, долготрајната изложеност на таа светлина пред спиење може да доведе до депресија или посериозни болести.
„Мобилните телефони се виновни што ги одложуваат физиолошките промени во телото кои треба да се случат во самрак. Како што ги одложуваат, се намалува и квалитетот на сонот, а тоа може да предизвика депресија и промени во расположението“, се наведува во студијата.
Студијата забележува колку малку светлина е потребна за да влијае на спиењето и деноноќниот ритам кај малите деца и дека се потребни упатства за родителите и производителите на уреди.
„Предучилишните години се многу чувствителен период на развој, во кој употребата на дигиталните медиуми станува се поприсутна. Не знаеме многу за тоа како може да влијае на спиењето и на телесниот часовник кај малите деца“, објаснуваат авторите.
Она што допрва треба да се истражува е влијанието на електричното осветлување врз трудниците и како тоа го менува производството на хормони, како и развојот на фетусот, пренесува 24 sata.hr.