Најмалку шест лица загинаа, а неколку се повредени во последните руски ракетни напади во градовите низ Украина, вклучително и главниот град Киев, пренесе ДПА.
Три тела се извлечени во Киев, објави на Телеграм заменик-шефот на претседателскиот кабинет Кирило Тимошенко, додавајќи дека 19 лица се спасени од урнатините на куќа уништена од експлозија.
– Спасувачките напори продолжуваат – рече Тимошенко попладнево.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, идентификуваше две од жртвите како млад пар. Жената била во шестиот месец од бременоста, рече тој.
Според гувернерот Дмитро Живицки, во регионот на Суми загинале најмалку три лица, а девет се повредени откако утрово три руски проектили погодија цивилна цел. „Сè уште има луѓе затрупани под урнатините”, додаде тој.
Напади беа пријавени и во регионите на Дњепропетровск и Одеса.
Според украинскиот министер за внатрешни работи Денис Монастирски, во Киев биле повредени и двајца болничари.
– Русија денеска нападна со вкупно 40 дронови, од кои пет го погодија Киев – рече тој.
Москва претходно соопшти дека ја гаѓала енергетската инфраструктура на земјата.
– Стотици населени места сè уште се без струја – изјави украинскиот премиер Денис Шмихал.