More

    Написите „Македонија е Бугарија“ се спротивни на европските вредности

    spot_img

    Министерството за надворешни работи вчера врачи вербална нота до бугарското МНР во која најостро ги осудува написите „Македонија е Бугарија“, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците завчера за време на заседанието по првата точка во бугарското Народното собрание, но и усно пренесени од говорницата за време на истата седница.

    „Таквите пораки се спротивни на европските демократски вредности, но и спротивни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот“, се наведува во вчерашното соопштение на МНР.

    Во соопштението се посочува дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.

    Министерство за надворешни работи на Бугарија, пак, вчера соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија.

    фото: МИА

    Како што јави дописникот на МИА од Софија, ваквото соопштение на бугарското МНР следи по вчерашната одлуката на Народното собрание на Бугарија со која се дава зелено светло на предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

    Во соопштението се вели дека „е време одговорните фактори во Република Северна Македонија не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот“.

    „Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во Европската унија зависи од неа и нема да се одложи доколку земјата ги исполни преземените обврски во однос на европските вредности и добрососедските односи“, се наведува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.

    На непотпишаниот протоколот, вчера реагираше и бугарската вицепремиерката во оставка и лидерка на социјалистите Корнелија Нинова, која во интервју за БНТ истакна дека пратениците на Бугарската социјалистичка партија (БСП) се воздржаа од гласање во Собранието за одлуката по „францускиот предлог“, бидејќи со неа не се испочитувале целосно нивните т.н. црвени линии за спроведување на билатералниот договор за соработка од страна на земјава.

    Нинова изјави дека во одлуката се вели оти преговорите ќе започнат откако Скопје ќе го промени Уставот и ќе ги вклучи локалните Бугари во него, што според неа е добар предлог, но сепак тој се однесува на билатерален протокол кој не е потпишан. Според Нинова, бугарските интереси засега „не се заштитени“, бидејќи протоколот не е потпишан.

    Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојана Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи во петокот порачаа дека Северна Македонија ќе го прифати предлогот на француското претседателство за старт на преговорите со ЕУ доколку во преговарачката рамка не биде преблематизирано прашањето за македонскиот јазик и не бидат вклучени историските прашања и доколку почетокот на преговарачкиот процес не биде врзуван со внесување на Бугарите во Уставот.

    Народното собрание на Бугарија, во петокот, го одобри документот познат во јавноста како „француски предлог“ за деблокада на европскиот пат на Северна Македонија. Со одлуката и се дава зелено светло на Владата во оставка на премиерот Кирил Петков „да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на сложените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија ако се исполнат неколку услови“.

    При тоа се бара: ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот, ништо во пристапниот процес на РСМ да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија и гаранции од ЕУ дека сето ова ќе биде исполнето.

    Коментирајќи ги последните случувања на релација Скопје-Софија, американскиот универзитетски професор и експерт за Балканот, Едвард Џозеф оцени дека претседателот Џо Бајден не може да се дозволи меѓу сојузничките од НАТО, една земја членка да „и се сили“ и да малтретира друга земја членка затоа што е поголема или како што е во случајот со Бугарија и Северна Македонија, затоа што е членка на ЕУ, оти тоа е, вели, веќе проблем и на НАТО.

    – Тоа е веќе и проблем на НАТО. Тоа не можеме да го дозволиме. Ова е сојуз, НАТО е сојуз, не може САД да толерира агресија кон идентитетот, искористување на силата, на овој начин. Ова е сериозно, не е мало прашање. Идентитетот на луѓето е поврзан со идентитетот на државата, со напредокот на државата, со внатрешната стабилност и добрите односи меѓу Македонците и Албанците, што е наш интерес. Од друга страна интерес на Владимир Путин се поделбите и конфликтите. Поделба меѓу Бугарите и Македонците, поделби меѓу Албанците и Македонците, меѓу Србите и Косовците, сето ова. Путин тоа го сака во Украина, тоа го сака и на Балканот, поделби, конфликти, додека интересот на САД е да се запре сето тоа, почнувајќи со афирмација во официјална пишана форма на македонскиот идентитет – вели Џозеф во интервју за ТВ Клан Македонија.

    Според него, на тој начин со американската афирмација на македонскиот идентитет, нација и јазик, ќе се испрати порака до Софија: „Вие никогаш нема да победите, никогаш нема да го избришете македонскиот идентитет“. Тој смета дека тоа е сигналот што им треба во Бугарија и на бугарските лидери, како премиерот Кирил Петков, кои сакаат да го решат ова прашање.

    Запрашан за коментар на „францускиот прелог“, Џозеф вели дека не верува оти Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон имале „лоши мотиви“, туку проблем  е во „слабоста и немоќта на Европската Унија“, а Бугарија, смета тој, ја користи таа ситуација, злоупотребувајќи го процесот на ЕУ.

    – Правилата, протоколите на ЕУ велат дека не смеете да внесувате билатерални прашања во пристапниот процес. Тој процес се однесува на друго – дали Северна Македонија ги исполнува условите, дали спроведува реформи и владеење на правото и други прашања, но не за поплаки околу историјата и јазикот – истакнува Џозеф.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img