Шпанскиот тенисер Рафаел Надал рече дека е „психички уништен”, стравувајќи од ново долго отсуство од теренот, откако се повреди при денешниот пораз од Американецот Мекензи Мекдоналд во 2. коло на грен – слем турнирот Австралија опен на кој не успеа да ја одбрани титулата.
– Не можам да лажам дека животот е фантастичен, дека мора да останете позитивен и да продолжите да се борите. Не сега. Утре е нов ден, но тешко е. Во прашање е повреда. Морам да признаам дека психички сум уништен. Се надевам дека не е премногу сериозно. Последните три недели беа прилично позитивни и се надевам дека оваа повреда нема да ме одвои од теренот предолго, бидејќи ќе биде тешко повторно да се мине низ целиот период на рехабилитација – изјави Надал на конференција со новинарите во Мелбурн.
Надал, кој има рекордни 22. грен-слем титули во кариерата, не успеа да го одбрани трофејот на Австралија опен, откако денеска загуби од Мекдоналд со 4-6, 4-6, 5-7.
За Шпанецот, кој во кариера има освоено рекордни 22. грен-слем титули, ова е најрана елиминација на Австралија опен од 2016 година, кога во 1. коло беше совладан од сонародникот Фернандо Вердаско.