Градоначалникот на Бујановац Нагип Арифи изјави дека размената на територии меѓу Косово и Србија, за Србија да го добие северот на Митровица, а Косово Прешевската долина (Бујановац, Прешево и Медвеѓа), ќе биде праведно решение.
Арифи рече дека ова прашање го покренал на почетокот на средбата со косовскиот вицепремиер Бесник Бислими во понеделникот во Бујановац, а како што додаде Бислими „не одговорил и можеби бил изненаден во тој момент“.
„Мислам дека тоа е најдоброто решение за Албанците од Прешевската долина како и за Косово. Претседателот Вучиќ (Александар) секогаш спомнуваше компромис и веројатно мислеше на такво нешто. Но, тој смета дека само дел од Прешевската долина треба да му се даде на Косово и за возврат да го добие северот, но целата долина да му се даде на Косово“, изјави Арифи за приштинска Коха.
Арифи додаде дека е оптимист оти „еден ден ќе има размена на Прешевската долина за северот на Косово“.
На средбата со Бислими разговарал и за, како што вели, Заедницата на српски општини и истакнал дека доколку на Србите во Косово им се обезбеди овој механизам, тогаш „Албанците во долината ќе бидат подготвени да работат во таа насока“.
Тој побара на следните средби со српската страна да се разговара за проблемите на Албанците во Србија, додавајќи дека нивното барање е правата што ги уживаат Србите на Косово да ги уживаат и Албанците во Србија.