На Хируршките клиники утрово е извршена уште една трансплантација на црн дроб, на бубрези и на коскени ткива, соопшти Министерството за здравство (МЗ).
Експлантацијата на органите почнала рано утрово на Хируршките клиники, откако вчера попладне семејството на пациентка во мозочна смрт дало согласнот за донирање.
– Нивната желба да подарат некому живот и здравје, денес донесе трансплантација на црн дроб, два бубрега и на коскени ткива. Благодарност до семејството од мое име и од името на сите екипи кои во изминативе 24 часа работеа и продолжуваат да работат – изјави министерот за здравство Беким Сали.
Тој им се заблагодари на медицинските екипи кои изминатите часови работеа на подготовка на донорот, на реципиентите и во операциските сали.
– Не радува тоа што се повеќе семејства се одлучуваат да ги донираат органите и да спасат некому живот. Новата година ја започнуваме со акт на хуманост и добрина. Со надеж и верба- рече Сали.
На 25 ноември минатата година првпат во историјата на македонското здравство беше извршена трансплантација на црн дроб од починат донор, на Клиниката за дигестивна хирурија. Шеесет годишен пациент со хронична болест на црниот дроб доби здрав орган од пациентка во мозочна смрт чие семејство се согласи да ги донира органите.