Лидерот на ДУИ Али Ахмети, придружуван од министри во македонската влада, од редовите на неговата партија денеска во Тирана оствари средба со албанскиот премиер Еди Рама.
Ахмети за средбата објави на Фејсбук, а до попладнево од Кабинетот на Рама сè уште нема никаква информација.
„Ти благодрам за сѐ Еди. Со поглед кон хоризонтот на перспективата за интеграција во Европската Унија и со цел продлабочување на соработката меѓу нас, денеска во Тирана братски се сретнавме со премиерот на Република Албанија, Еди Рама“, напиша Ахмети.
Ахмети напишал и дека во фокусот на средбата била „меѓуинституционалната координација за најефикасните проекти за инфраструктурна интерконекција меѓу нас“, како што се: Коридор 8, железничко поврзување по него, Руга е Арбрит („Патот на Арбр“ автопатот од Тирана до преминот Блато, кај Дебар), полесен пристап преку нив до пристаништето Драч, заеднички гранични премини, енергетската врска Битола – Елбасан и многу други.
„Разговаравме и за дијалогот со Бугарија и за очекувањата за деблокирање на нашиот заеднички европски пат“, наведува тој во објавата,
„Како земји-членки на НАТО, изразивме загриженост за ескалацијата на ситуацијата во Украина, осудувајќи го нарушувањето на нејзиниот територијален интегритет и повикувајќи на мир и рационален дијалог меѓу страните“, стои во објавата на Ахмети на Фејсбук.
Како што може да се види од постираните форографи во Тирана, во придружба на Ахмети, меѓу останатите биле и вицепремиерот Артан Груби и министрите за надворешни работи, здравство и за финансии.