Авторите и рецензентите на учебникот по Историја и општество за 5. одделение, за кој Здруженитео на историчари даде серија сериозни забелешки, вината за направените грешки во содржината неосновано ја префрлаат на Министерството за образование и наука, смета МОН.
„Должни сме да информираме дека по направените измени во учебникот, кои им се сугерирани од страна на рецензентите, авторите до Националната комисија за учебници на ЦД го имаат доставено учебникот заедно со допис во кој е наведено дека се работи за финална верзија, а рецензентите, пак, имаат потпишано изјава дека нивните забелешки се имплементирани во истата.
Сите предизвици кои им настанале при изработката на учебникот, авторите и рецензентите требало да ги надминат со Националната комисија за учебници, која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници. Членовите на комисијата, всушност преку гласање одлучуваат за прифаќање, односно неприфаќање на одреден учебник. Во случајов, одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен“ – соопшти Министерството за образование и наука.