Македонската селекција составена од фудбалери од домашниот шампионат засилена со интернационалците, Дарко Велковски и Кристијан Тошевски, во Абу Даби ги продолжува подготовките за натпреварот против домаќинот Саудиска Арабија закажан за в сабота со почеток во 16:30 часот.
Репрезентативецот Велковски од одбраната оцени дека селекцијата ќе биде подготвена за саботниот предизвик и покрај тоа што некои од фудбалерите прв пат се заедно на подготовки.
– Околностите се малку поинакви од вообичаените на кои сме навикнати. Со некои од фудбалерите прв пат сме заедно, но тренираме добро. Тест натпреварот со Саудиска Арабија ќе биде вистински предизвик за оваа селекција. Противникот заврши прв во групата во Азија за пласман на Светското првенство и навистина ќе биде тежок. натпревар, пред сè на физички план, бидејќи некои од нас сè уште се адаптираат на временските услови во Абу Даби – изјави Велковски.
– Работиме на анализа на противникот, имаме уште неколку заеднички тренинзи и се надевам дека одлично ќе одговориме на овој предизвик. Не се сомневам дека тактички ќе бидеме на високо ниво, стручниот штаб посветува големо внимание на тој дел од нашата игра за секој натпревар. Сметам дека ќе бидеме подготвени за добар натпревар – додаде македонскиот репрезентативец во изјава за официјалниот сајт на ФФМ.