Полициска службеничка на граничниот премин Богородица доби кривична пријава под сомнение дека сторила кривично дело „примање поткуп”, соопшти Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.
Пријавената околу пладне на 21 декември побарала и примила поткуп (пари) за да не изврши службено дејствие кое била должна да го изврши, односно да не ги евидентира оштетените (грчка државјанка и нејзиниот сопатник) во системот на контрола на патници и возила дека излегле од Македонија и влегле во Грција.
Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања. Против С.А. е поведена и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, како и отстранување од работното место.