Кремљ во средата го отфрли мировниот план од 10 точки на украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека предлозите за прекин на конфликтот во Украина мора да ја земат предвид „денешната реалност“ на четирите украински региони кои се приклучија на Русија.
„Не може да има мировен план за Украина кој не ја зема предвид денешната реалност во однос на руската територија со влегувањето на четири региони во Русија. Плановите што не ја земаат предвид оваа реалност не можат да бидат мирни“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Во септември, Русија ги прогласи украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје за дел од својата територија по референдумот што го осудија Украина и западните земји. Русија не контролира целосно ниту еден од четирите региони.
Претседателот Володимир Зеленски го промовира својот мировен план од 10 точки, кој првпат го објави во ноември, разговарајќи за него со американскиот претседател Џо Бајден, меѓу другите, и ги повика светските лидери да одржат Глобален самит за мир врз основа на него.
Планот предвидува повлекување на руските војници од меѓународно признатата територија на Украина, што би значело дека Русија се откажува од четирите региони за кои тврди дека ги анектирала и од Крим, кој го зазеде во 2014 година.
Кремљ повеќепати порача дека е отворен за мировни преговори со Украина, но дека не ја гледа подготвеноста на Киев за преговори.