Косовската полиција објави дека денеска околу пладне, во село во близина на косовско-македонската граница, запленила 2.000 килограми мед, кој со возило комби бил илегално внесен од Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според полициското соопштение, патрола на пограничната полиција од станицата во Жегра го забележала сомнителното возило со бела боја во селото Дебелде, близу градот Витина во регионот на Карадак – Скопска Црна Гора, на границата со Македонија.
Возилото било запрено при обид да изврши нелегална трговија со медот, додека возачот го искористил планинскиот терен и успеал да побегне во непознат правец.
Возилото и товарот се запленети и предадени на Царините на Косово, додека случајот е оквалификуван како „криумчарење стоки“ и е проследен во натамошна судска процедура.