Немаме двајца, еден е Ристо Стефановски. Ја направивме оваа комеморација затоа што тој беше најпристојниот, најтоплиот, најемотивниот, највнимателниот театарџија што јас сум го сретнала во мојот живот. Тоа беше Ристе. И дури беше толку внимателен, љубезен, достоинствен и толку нежен. Нема друг. Затоа и го направивме ова. И затоа што е ред. А редот го почитуваше Ристе Стефановски, рече Весна Петрушевска, актерка на Македонскиот народен театар (МНТ) на денешната комеморација за театарологот Ристо Стефановски, кој почина на 22 март годинава, на 94 години.
Ристо Стефановски беше театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар и директор на Драмски театар Скопје цели 26 години, од 1957-1983.
Роден во Скопје, Стефановски студирал глума на Театарската академија во Белград, а од 1951 до 1960 бил актер во скопскиот Народниот театар. Од пролетта 1957 раководел со Куклениот театар во Скопје кој подоцна се трансформирал во денешниот Драмски театар. Го обмислува, реализира и уредува театарското списание „Театарски гласник“ од 1977. Во меѓувреме, дипломирал на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација. Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија.
Стефановски беше испратен со долг аплауз од колегите од МНТ, Драмски, Турски театар, режисери, драматурзи, актери од повеќе театари. Додека колегите се збогувааа со бардот на македонскиот театар, во позадина одеше музиката на неговиот внук, светски познатиот гитарист Влатко Стефановски. „Бистра вода“, „Учи ме мајко карај ме“, „Јовано, Јованке…“ за последното збогум од колегите театарџии.
– Си заминаа и Иван, Мирко, Круме, Миле. Си заминаа и други, енцикопледии. Ти последен. Се прашувам: Што правиме ние сега? Во една од моите најомилени книги, ‘Господарот на прстените’, кога се говори за смртта на Гандалф, добриот сив волшебник, се вели: кога паѓаат големите, помалите мора да водат. Се прашувам каде ќе нè води оваа наша генерација која сакале-нејќеле мора да води. Знам дека тоа ќе го направиме со гордоста и со смелоста на која ти не научи. Секогаш ќе бидам благодарен што сум дел од твојата фамилија, фамилијата на твоите браќа и нивните потомци – рече Игор Стефановски, син на драматургот Горан Стефановски.
За драматугот Братислав Димитров Стефановски е театарски воин за сите времиња.
– Тоа што е Марадона во фудбалот, Мајлс Дејвис во музиката, Ристо Стефановски е во театарот. Се работи за човек кој е феномен во светски размери. Како никој пред и како никој после него, тој успевал да создава одличен театар во три сосема различни општестевени системи и во три различни театари. Во услови на материјална, но често и во морална беда, кога и најупорните се откажуваа, заменувајќи го стресниот театар со удобна фотелја и топли влечки, нашиот Ристе влегувал во сурови битки и пронаоѓал решенија доследни и за најголемите магионичари и алхемичари – рече Димитров на комеморацијата.
Актерот на МНТ, Ѓорѓи Јолевски, во емотовниот говор рече дека Ристо Стефановски е татко на современиот македонски театар.
– Како татко ги создаваше институциите, театарите, фестивалите, големите режисерски, авторски и актерски имиња. Твоите театаролошки записи, кои секојдневно, со голема љубов ги преточуваше во книги, вечно ќе останат да не потсетуваат на историјата, важноста, значењето и моќта на театарот. Драг Ристо, никогаш не сум ти кажал дека беше мојата инспирација – рече Јолевски.
Актерот на Драмски театар Јовица Михајловски се потсети на последните две средби со Ристо Стефановски, кој бил директор кога тој се вработил во театарот.
– Горан Стефановски работата на Ристо ја спореди со работата на врвен енолог. За да имате врвно вино, треба внимателно да го одберете грозјето, да биде од една сорта, па да се собере на време, да одлежи, да ферментира, флашира и да биде спремно за конзумација. Иста таква методологија Ристе ја применувал во градењето, нормално под контрола на уметничкиот совет. Истиот таков процес го применувал во одбирот при создавање на ансамблот. Во Драмски не можеше да се случи директно од Академија да играте главна улога – се присети Михајловски.
Една од внуките на Ристо Стефановски, Елена, со присутните на отворената комеморација сподели малку познати детали од долгиот и богат живот на театарологот, кому театарот му бил и му значел исто како и семејството.
– До тој степен Ристо е посветен на театарот, што кога му се раѓа првата внука од помалата ќерка Тања заминува на гостување со театарот и праќа телеграма во болница. Вака гласи: Тато е поносен, ве сакам двете. Во тоа време веројатно актерите беа негови деца и внуци – раскажа Елена.
Од 1983 година беше генерален директор на Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. Автор е на 12 тома од книгите „Театарот во Македонија“, и меѓудругите на „Летопис на македонската драма и театар“,„Монографија – 30 години Драмски театар“, „Мојот театар – Театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања“ и други.
– Стефановски создаде сценски простор ослободен од креативен догматизам каде што актерите можеа да го покажат својот талент. Без Ристо и неговата подготвеност да преземе ризици и да се бори за своите избори, да биде прав дури и кога греши, немаше да постојат ни Љубиша Георгиевски, ни Слободан Унковски, Горан Стефановски, ни многу други кои продефилираа низ Драмски оставјќи траги на неговата сцена. Тоа се негови деца. Затоа Ристо е незаменлива алка кое светлото минато на македонскиот театар го поврзува со неговата иднина – рече д-р Наум Пановски, чија порака од Вашингтон ја прочита актерката Драгана Костадиновска.
Стефановски е добитник на бројни високи државни награди: „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, Стериина награда за животно дело на Фестивалот Стериино позорје, Нови Сад, Награда на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ за животно дело, Ордените за труд со бронзен, сребрен венец и златен венец, „13 Ноември“, Одликување на Француската влада „Академска палма“ и други.
– Ристо Стефановски е човекот што го направи македонскиот театар велесила, во Македонија, во Југославија, на Балканот, во Европа и во светот. Слично на неговите современици во светските театарски центри, тој му придаваше на театарот значење на вечерна револуција која трае два до три часа, а театарот наспроти политиката. која мисли дека владее со општеството, е перманентен државен удар од кого последиците можат да бидат позитивни за ослободувањето на актерот и на гледачот од секојдневната насилба на политичкото дејствување против уметноста – истакна македонскиот драмски писател и дипломат Јордан Плевнеш, во своето писмено обраќање, на комеморацијата во чест на Ристо Стефановски (1928-2022), долгогодишен театарски работник, театролог и театарски историчар, актер и човек кој остави неизбришлива трага во подемот на македонскиот театар. Комеморацијата се одржа денес напладне во Македонскиот народен театар.
Плевнеш потсети и на статистиката на еден математичар и вљубеник во македонскиот театар кој пресметал дека Ристо Стефановски со македонските претстави направил одисеја од сто до 150 илјади километри по планетата земја, поткрепувајќи ја со зборовите на овој голем театарски уметник: „Ако Мирослав Крлежа рекол дека во Македонија и Богородица игра на тапан, таа песна, тој јазик и тој тапан мора да се слушне насекаде во светот“.
Последно обраќање кон својот колега, соработник и пријател имаше и актерката Милица Стојанова, која му се заблагодари за сè што направил за македонскиот театар, а нејзините зборови ги прочита актерката Весна Петрушевска. На комеморацијата, на која присуствуваше и семејството на Ристе Стефановски, присутните имаа можност преку видеозаписи да погледнат неколку негови интервјуа и изјави во кои тој ја истакнува својата визијата која ја има за Драмскиот театар.