Kомеморација во чест на актерката Катерина Крстева се одржа денеска во НУ Македонски народен театар. Членови од семејството, блиски пријатели, колеги и познаници ѝ оддадоа почит на актерката.
– Да се кажат прошталните зборови во името на фелата, колегите, пријателите, обожавателите за еден театарски човек, за една шармантна актерка, за една жена полна со дух и харизма, за Катерина Крстева не е едноставно, но ни претставува чест достојно, со љубов и почит да се потсетиме на она што Катерина Крстева го работеше на сцената, за она што таа значеше на сцената и она по што публиката ја сакаше – рече актерот Борче Начев, кој во име на МНТ се обрати пред присутните во име на МНТ.
На комеморацијата беше нагласено, дека, кога ќе се рече публиката, секако дека се мисли и на театарската, филмската и на телевизиската, како и на радио слушателите кои со години се будеа со карактеристичниот глас на Кате, во култната „Хихирику” на Иван Карадак.
– Позната како Мара Попара, според улогата во филмот „Во кафулето кај Гене” со децении успешно ја засмејуваше публиката, со својата луцидна и брза мисла, со својот ведар дух и лик, со својата благородна личност. Иако во своите поодминати години веќе силно профилирана во комедиографските води, Катерина Крстева својата актерска кариера со успех ја започнува во Драмскиот театар, а потоа ја продолжува во Македонскиот народен театар и во своите три децении на актерската кариера во овие култни институции остварува забележливи улоги, беше речено на комеморацијата.
Беа споменати претставите „Бесмртниот папагал”, „Авантуриоте на Гијољ” „Баладата за поручникот и Марјутка”, „Александра”, „Сказна за царот и овчарот” и многу други младински во Драмскиот театар, а потоа и „Дон Цезар од Базан”, со која и дебитирала во Македонскиот народен театар. Исто така и „Антица”, „Македонска крвава свадба”, „Градскиот саат”, „Стапица за осум беспомошни жени”, „Без вина виновни”, „Играта на наредникот Мазгрејв”, „Живиот труп”, „Животот на Галилеј”, „Децата на сонцето”, „Отепувачка”, „Милион маченици”, „Остен”, „Граѓанинот благородник”, „Воена тајна”, „Бог”, „Аудиенција и под нов покрив”, „Рекламна бајка” и „Крик”.
– Катерина Крстева, е комплетна сценска личност, реализирана актерка која со успех пловеше и во телевизиските води, кои впрочем и го донесоа епитетот „миленичка” на публиката и тоа преку популарните телевизиски и филмски остварувања „Театарче лево ќоше”, „Трст виа Скопје”, „Македонски народни приказни”, „Поштар”, „Простодушна љубов”, „Погрешно време”, „Битолски лакрдии”, „Волшебното самарче”, „Шеќерна приказна”, „Учителот”, „Милион маченици”, Едно лето”, „Случки од животот”, „Тврдокорни”, „Пред дождот”, „Во светот на бајките”, „Агенција осамени срца”, „Време за плачење”, „Мост”, како и во телевизиската серија „Преспав” и филмот „Дедо и внук”, беше кажано на комеморацијата.
Како што беше истакнато, на уметниците, луѓето кои зад себе оставиле траен белег на низа генерации кои растеле, се формирале, се смееле, или тагувале, не умираат.
– Не е само проста утеха, дека актерите и натаму живеат низ своите ликови, во кои ја вткаиле својата актерска вештина, огромен дел од својата личност, својот дух и харизма, својот уникатен и препознатлив бит. Не е фраза, затоа што името на Катерина Крстева, саканата Мара Попара, нашата Кате уште долго, долго ќе се спомнува – беше кажано на комеморацијата.
Крстева била родена во 1938 година. Како актерка, прво била вработена во Драмскиот театар, за во 1964 година да премине во МНТ, каде останала сѐ до пензионирањето.