Премиерлигашот Ливерпул уште три месеци нема да може да смета на услугите на колумбискиот фудбалер Луис Дијаз, кому мора да му биде извршена операција.
Дијаз се повреди на почетокот на октомври на првенствениот натпревар против Арсенал (2-3) кога стадионот „Емирејтс” мораше да го напушти на патерици со бандажирана нога.
Во Ливерпул се надеваа дека Колумбиецот ќе биде подготвен да се врати на теренот по завршување на првенствата пауза поради Мундијалот во Катар, меѓутоа состојбата со потколеното на Дијаз се искомпликува во тренинг кампот.
– Се случи сосема обична ситуација на тренингот. Никој не помисли дека е нешто сериозно. Меѓутоа, Дијаз почувствува болка, извршивме прегледи и на крајот беше констатирано дека му е потребен оперативен зафат. Ова е голем удар за нас – изјави тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп.