Лидерска средба може да има, но за прашања кои се стратешки, за прашања кои значат подобар живот на граѓаните и справување со енергетската криза. Меѓутоа, лидерска средба заснована на уцени и закани, а го гледаме претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одбројува како во некој лош акционен филм, таква лидерска средба нема да има. Tоа е ставот на сите политички партии, дури и од партии кои се во опозицискиот блок, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски на спортскиот аеродром „Стенковец“ во Скопје каде се одржува Отворен ден за приказ на воздухоплови кој е дел од вежбата „Swift Response 22“.
Најавата за блокада на Собранието од страна на најголемата опозициска партија тој ја оцени како неодговорна и за политички цели.
– Барањето на опозицијата за лидерска средба за предвремени избори е неодговорно затоа што со блокирање на Собранието, во време на војна и во време кога цените на енергенсите и храната постојано растат, во време кога не може да се обезбеди транспорт на жито од Украина, каде што силосите се преполни, но поради тоа што се неупотребливи пристаништата во делот на Одеса, житото не може да се изнесе од Украина, во такви услови да барате предвремени избори е неодговорно и е за политички цели – истакна Ковачевски.
Собранието е место каде што се носат и се унапредуваат законите, нагласи премиерот и порача дека не смее да се дерогира работата на Парламентот преку одржување лидерски средби, на кои на политичко ниво, без никаква дебата би се разговарало за теми од оперативен карактер.
Ковачески рече дека постои комуникација меѓу сите политички партии, дека и тој е во комуникација со градоначалници кои на локално ниво имаат потреби за решавање на одредени предизвици со Владата. Вчера се одржале и состаноците „Жан Моне“ на пратеничките групи, за што рече дека е начин на која треба да функционира една парламентарна демократија.