Контроверзниот рапер реагираше на Инстаграм откако бројни компании ја прекинаа соработката со него.
Во пораката тој му се обраќа на извршниот директор на Ендевор Ари Емануел. Емануел напиша статија за „Фајненшл тајмс“ во која ги повика компаниите да ги прекинат врските и да се дистанцираат од Канје Вест поради неговите антисемитски коментари.
„Изгубив 2 милијарди долари за еден ден и сè уште сум жив“, пишува во објавата. „Ова е говор на љубов. Јас сè уште ве сакам. Бог сè уште ве сака. Парите не се она што сум јас. Луѓето се она што сум јас“, напиша тој.
Неговото преостанато богатство е во музиката, недвижностите и линијата на облека на поранешната сопруга Ким Кардашијан (42), според „Форбс“.
Да потсетиме,„Скечерс“ објави дека двајца нејзини директори го избркале Канје Вест од нивното седиште во Лос Анџелес.
Компанијата објави дека Вест, кој законски го смени своето име во Је, „пристигнал ненајавено и непоканет“. Оттаму додаваат дека тој „неовластено снимал“ во зградата и дека бил испратен „по краток разговор“.
„„Скечерс“ не размислува и нема намера да работи со Вест“, се вели во соопштението на компанијата. „Ги осудуваме неговите неодамнешни изјави за поделби и не толерираме антисемитизам или која било друга форма на говор на омраза“, додаваат тие.
Посетата на Вест на „Скечерс“ доаѓа еден ден откако „Адидас“ ја прекина соработката со него. Причината се антисемитските коментари на раперот.