Нашите туристички дестинации можеби нема да бидат добро пополнети во последниот квартал од 2022 година, зашто бевме повеќе фокусирани на скапата струја, отколку на тоа какви аранжмани да направиме за Нова година, смета директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.
Во разговор за МИА, Јаневски забележува дека декември почна, а градовите сѐ уште не излегле со понуда за пречек или некаква прослава, ниту се знае дали ќе бидат украсени.
– Се случува еден феномен. Почна декември, а немаме ниту една програма за Нова година, ниту знаеме дали градовите ќе бидат украсени. Тогаш како да очекуваме туристи? – нагласува директорот.
Јаневски се осврнува и на актуелните понуди за дочек.
Тој вели дека на ова поле треба веднаш нешто да се направи.
Според него, најатрактивен за Нова година ќе биде Охрид, а новогодишните празници, генерално, ќе бидат во знакот на домашните туристи кои ќе престојуваат главно во домашните капацитети.
– Дали во овој момент имаме некаква понуда, дали некаде се рекламира Нова година од страна на нашите тур-оператори за домашните центри? Да, но се работи за регионот, за дочек во ски-центри, за Нова година во другите главни градови од регионот. На тоа поле треба многу брзо нешто да направиме. Во однос на претстојните празници, мислам дека, сепак, ќе предничи Охрид, градот познат по туризмот и евентуално Скопје зашто има многу поврзувања со другите градови. Но, очекувам и многу домашни туристи низ другите градови во државата. Всушност, дочекот на Нова година ќе го одбележат домашните туристи во домашните капацитети – нагласува Јаневски во разговорот за МИА.