More

    Какви новини носи Законот за заштита на потрошувачите

    spot_img

    Наплата на камата за доцнење на испорака на авансно платен производ или враќање на авансот, ако производот не се испорача. Трговските ваучери мора да содржат пресметана сума која се заштедува при купување на стоката. Само две годишни сезонски намалување на цените, не повеќе од две лепенки на намалени цени, како и ограничување на траењето на промоциите и акциите. Ова се дел од новините што ги содржи новиот Закон за заштита на праввата на потрошувачи донесен минатата недела од пратениците.

    Ако трговецот ја условува продажбата со наплата на аванс и не се испорача производот во рок од 30 дена, што е случај при уплаќање мебел, бела техника, нова кола,  потрошувачот сега има право да наплати камата за доцнење. Доколку пак воопшто не се исполни договорот, односно трговецот не го испорача производот, тогаш потрошувачот има право на целосно исплатен аванс со пресметана казнена камата утврдена согласно Законот за облигациони односи.

    Законот носи новини и во однос на попустите, промоциите, продажбата на стока пред истекот на рокот или на производи со производна грешка.

    Според законот, трговците можат да направат сезонско намалување на стоките и услугите само два пати годишно, во лето и во зима, кое ќе трае по еден месец. Летниот попуст ќе се организираат од 25 август до 25 септември, а зимскиот од 25 декември до 25 јануари следната година. Почетокот на попустот мора да се означи со датум. За време на попустите производите можат да имаат залепено само две налепници со цена – највисоката и онаа на која се снижува.

    Трговските ваучери, според законот сега ќе содржат пресметаната сума која се заштедува со нивното користење.

    Стоките или услугите ставени на акциска продажба мораат да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите „акција“ или „акциска продажба“. При огласувањето на акциската продажба, трговецот е должен да го наведе нејзиното траење. Промотивната продажба (промоција), може да трае само 8 дена.

    Законот го доуредува и спроведувањето на посебните облици на ставање во промет на стоите за време на промоција и акција. Трговецот овие производи мора физички да ги одвои стоките опфатени со некој од посебните облици на ставање во промет.

    Со овој закон се регулира и продажбата на производи со фабричка грешка и производите пред истекување на рокот.

    Кога трговецот става во промет стоки со недостаток или грешка, должен е нив физички да ги одвои од останатите стоки. Треба јасно, видливо и читливо да ги означи како стоки со недостаток или грешка и да го напише видот на грешката.

    Во однос на продажбата на производи пред истекот на рокот, трговецот е должен исто така физички да ги одвои произовдите од другите во продавницата и да означи дека тие се пред истекот на рокот.

    Трговците имаат и обврска да заменат производ кој потрошувачот утврдил дека не соодветствува по форма, големина, модел, боја, број или од други причини. Трговецот ќе треба да го замени со производ кој има соодветен квалитет.

    На 15 дена е ограничен рокот за замена на стоката, а тој рок се смета од денот кога стоката му е предадена на потрошувачот. Замената на стоката со соодветен квалитет се врши ако стоката не била употребувана, ако се сочувани нејзините изглед, употребни својства, пломби и фабрички означувања, како и сметката што на потрошувачот му била издадена заедно со стоката.

    Ако во моментот на поднесувањето на барањето од страна на потрошувачот трговецот нема соодветна стока, во смисла на стока што ќе одговара на неговите потреби, потрошувачот има право, по свој избор, да  го раскине договорот и да бара враќање на платениот износ или да ја замени стоката со друга соодветна стока, кога трговецот ќе ја набави.

    Трговецот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на стоката дека располага со таква стока во рок што не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето за замена.

    Новиот закон има и построги казнени одредби. Покрај изречената глоба за констатиран прекршок кај правното лице од страна на надлежен орган, ќе се изрече и мерка забрана за вршење на дејност, а кај одговорното лице и забрана за вршење професија, дејност или должност.

    Кај микро-трговец, кај правното лице , кај одговорното лице и физичко лице забраната трае од 15 до 30 дена. За мал, среден и голем трговец, прекршочната санкција привремена забрана за вршење дејност трае од три месеци до две години. Додека, за одговорното лице забраната трае од три месеци до една година, и се изрекува од страна на надлежен суд.

    Новиот закон за заштита на потрошувачите е изработен според европските правила и ја заокружува проблематиката која во минатиот период беше регулирана со чести измени на законот што им правеше проблеми и на трговците и на потрошувачите.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img