Планираното гостување на украинскиот претседател Володимир Зеленски на најголемиот италијански шоубиз настан, фестивалот на песната Санремо, привлекува меѓупартиски критики во Италија, пишува Ројтерс.
Реакции има и кај Италијанците. Повеќе од 33.000 луѓе онлајн веќе потпишале дека не сакаат ова да се случи.
Санремо, кој се одржува од 7 до 11 февруари, привлекува рекордна публика на ТВ и служел како инспирација за појавата на познатата Евровизија. Се очекува Зеленски накратко да учествува преку видеоврска на затворањето.
Реакциите почнаа да стигнуваат:
– Очекувам песни од италијанскиот фестивал на песната, а не нешто друго – рече вицепремиерот и лидер на десничарската лига Матео Салвини на ТВ каналот Ла7 во четвртокот.
– Ако Зеленски има време… да се поврзе со фестивалот во Санремо, тоа е негов избор – продолжи тој, додавајќи дека не е сигурен „колку е соодветно“ да се меша забавата со разговорите за војна и смрт.
Зеленски, поранешен комичар и актер, исто така се појави преку видео порака на доделувањето на Златните глобуси во Холивуд овој месец. Тој ја искористи платформата за да изрази доверба во победата во војната со Русија и да им се заблагодари на „слободните луѓе од слободниот свет“ за поддршката.
Други италијански политичари, главно од екстремната левица и од некогашното Движење пет ѕвезди, но и од опозициската централно-левичарска Демократска партија (ПД), ги повторија сомневањата на Салвини.
„Зеленски на Санремо? Не“, напиша Џани Куперло, кандидат за лидерство на ПД, на Фејсбук, инсистирајќи дека доколку државната телевизија РАИ сака да емитува порака од лидерот на Украина, не треба да ја „меша“ со фестивалот на песната.
Премиерката Џорџија Мелони цврсто ја поддржува Украина и е блиску до финализирање на договорот со Франција за снабдување на Киев на системот за воздушна одбрана „SAMP/T“.
Но, ова прашање се чини дека задира во долгогодишните врски на вицепремиерот Салвини и на поранешниот премиер Силвио Берлускони во Москва.
Анкетите во Италија покажуваат дека испраќањето оружје во Украина ги поделило граѓаните, при што 52 отсто од Италијанците се против одлуката наспроти 39,9 отсто за, во истражувањето на Еуромедиа за РАИ објавено во средата.