Претседателот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) ја отфрли можноста Иран да биде заменет со Италија на Светското првенство 2022.
– Да бидеме сериозни, ве молам… – рече Џани Инфантино како одговор на прашањето за оваа можност.
Тој призна и дека „му доаѓа да заплаче“ од помислата дека Италија нема да биде на СП 2022 во Катар.
– Разговараме за одржување на Светското првенство на секои две години бидејќи овој турнир предизвикува неверојатни емоции. Италија учествуваше скоро секогаш, другите земји сакаат почесто да учествуваат. Исклучително е важно да им дадеме повеќе надеж на другите земји – додаде Инфантино.
Реакцијата на Инфантино доаѓа по шпекулациите ФИФА би можела да воведе санкции против Иран поради забрана за присуство на жени на квалификацискиот натпревар за СП 2022 против Либан.